На влaдeачкиот СДСМ не му цветаат розите. Тоа во последно време го кажуваат разните анкети. Оваа партија кај граѓаните на Македонија има се помалку поддршка и разбирање за многу од нивните државнички потези.
Колку сето тоа го гледаат во врвот на партијата не е познато, но деновиве се виде дека партиското тонење го видел нивниот пратеник од Куманово, Мартин Костовски. Тој во објава на Фејсбук порача:
-Социјалдемократи другари и другарки или ќе се држиме сите заедно еден до друг, или ќе потонеме сите еден покрај друг. Време за помирување и обединување, напиша тој на Фејсбук.
И еве синоќа претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски обзнани дека Зоран Заев е во седиштето на партија – работно. Тој, според објавата на Ковачевски ќе биде дел од стратешкиот тим на партијата.
Ова ли е почеток на тоа помирување и обединување? По две години откако поднесе оставка на премиерската и лидерската позиција во СДСМ, Заев поконкретно се ангажира? Значи ли ова дека тој ќе помага СДСМ да не потоне?
Ковачевски во објавата на Фејсбук наведе дека целта била да се направи консензус за Македонија да стане члнека на ЕУ.
– СДСМ има долгогодишно државничко и партиско искуство, посветеност и полна енергија да продолжи со победа и брз чекор по европскиот пат. Денешниот координативен состанок на стратешкиот тим е во оваа насока – да направиме сè, да овозможиме целосен државен и национален консензус за исполнување на определбата на огромното мнозинство граѓани, да станеме полноправна европска држава до 2030 г., напишал Димитар Ковачевски.
По ова, на Фејсбук се огласи и Заев. Тој порача дека постои државничка одговорност да се преземат храбри и одлучни чекори.
-Демократскиот блок не исклучува, тој здружува. Мораме да осигураме просперитет за македонските граѓани и извесна иднина за нашата држава, напиша Заев.
Заев во објавата додава:
-На тој пат, ние социјалдемократите, имаме државничка одговорност да преземаме храбри и одлучни чекори. Демократскиот блок не исклучува, тој здружува. Тоа е единствената и проверена формула за нов македонски успех, додава Заев.
Колку во сето тоа ќе се успее, останува да се види. Времето ќе покаже и дали Заев воедно ќе помогне (и дали воопшто може да помогне) да престане тонењето на СДСМ, што веќе го гледа нивен пратеник.