Дамева е против распуштање на Судскиот совет, постои одговорност со име и презиме

Не ја поддржувам тезата на колективна одговорност, мојот личен став е дека треба да има индивидуална одговорност и таа да биде точно детектирана и санкционирана, изјави денеска претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева во врска со најавите од новата влада за распуштање на Советот и реформи во делот на изборот на неговите членови,

-Секоја одговорност има име и презиме, секој нека сноси индивидуална санкција, ако нешто сторил противзаконски, го нарушил угледот и интегритетот на Судскиот совет, донел одлука под влијание или слично, порача Данева на денешната Конференција за напредокот при спроведувањето на препораките од Оценската мисија на ЕУ од страна на Судскиот совет.

Таа предупреди дека доколку биде донесен нов Закон за Судскиот совет и дека најнапред, во периодот од распуштање до конституирање на нов Судски совет, ќе настане правен вакуум во кој постои опасност да застарат некои дела.

-На граѓаните не им е важно кои се членовите на Судскиот совет, не им е важно кој е претседател на Судски совет, не е важно што дискутираат на седници. На граѓаните им е важно Судскиот совет да постапува во рамки на неговата надлежност и кој судија останува во судницата. Ако тие постапки се запрат и на некој начин се амнестираат оние нестручни и несовесни судии, во тој случај правдата нема да биде на страна на граѓаните, рече Дамева.

Таа истакна дека Советот веќе има отпочнато со реформскиот процес во насока на имплементација на препораките од Оценската мисија на ЕУ и е решен да успее во процесите кои што се во негова надлежност. Судскиот совет и самиот веќе има отпочнато да се реформира, додава Дамева, посочувајќи дека од минатиот месец тој има двајца нови членови, додека до крајот на годината Советот ќе има уште тројца нови членови.

Американската амбасадорка Анџела Агелер рече дека Судскиот совет треба да ги следи препораките на Оценската мисија, бидејќи како што рече, довербата на јавноста во правосудството е шокантно ниска.

– Северна Македонија има добро изработени закони, добро опремени институции и искусни обвинители и судии, а повеќето од нив и патувале и имале размени со САД. Па се поставува прашањето како да почнеме да го надополнуваме оној јаз или недостиг на доверба на оние на кои треба да им служиме. Пораката јасна и не се менува. Работете ја работата која што треба да ја работите. Следете го законот, работете за луѓето, дајте отпор на политичките притисоци, заштитете го својот интегритет и прифатете ја транспорентноста. Напорната работа веќе започна и гледаме напредок. Сега дозволете ни да ви помогнаме да стигнете уште понапред на својот пат, рече Агелер.

Претходна вестТаравари: Димитриевски е во изборна еуфорија, албанското знаме не треба никој да го попречува
Следна вест„Левица“: Изјавите на амбасадорката Агелер го нарушуваат суверенитетот и претставуваат мешање во внатрешните работи на државата