Судството се соочува со колапс. Нема вработени, нема судии, нема претседатели. Нема судии од каде да се пријават, на крај делегираме судии од едно на друго место – но тоа не е решение. Тоа е колку да фигурира, тој не може да биде посветен, предупреди денеска претседателката на Судски совет, Весна Дамева.
Таа зборуваше на денешната седница на Судскиот совет на која беше констатирано дека на огласот за избор на претседатели на основните судови во Крушево, Берово и во Делчево не се пријавил ниту еден заинтересиран судија.
– Замислете, за четири суда нема пријавени кандидати за претседатели. Ние веќе покрај недостаток на судии, се соочуваме и со недостаток на кандидатури за претседатели, претпоставувам поради пребукираност на судиите за судења, кои не можат да прифатат и ваква функција. Не знам како ќе ја надминеме оваа состојба. Иако веќе сме ургирале кај законодавната власт, потребно е повторно да им укажеме. Се надеваме со новите академци од Академијата за судии и обвинители кои ќе излезат во септември-октомври некако ќе балансираме, ни и тоа тешко. Потребно е да се интервенира со законски измени, да направиме подетални анализи и предлози и да ги доставиме до надлежните, рече Дамева.
Судијата Сашко Георгиев рече дека е редно да се укинат судовите во помалите градови.
– Во изминативе две до три години сме алармирале доволно гласно за проблемите со недостигот на судии, а ако треба ќе зборуваме и погласно. Анализите покажуваат дека делегирањето на судии не е решение, затоа што со тоа се нарушува концепцијата и планот за работа на поголемите судови. Нема кандидати за претседатели, па одиме со вршители на должност. Овој проблем ќе се реши во рамките на долго споменуваните реформи во судството законодавната власт ја преиспита судската мрежа, односно оправданоста на постоењето на неколку мали судови во земјата. Тоа се седум судови, ги знаеме кои се, во кои нема судии, ниту заинтересираност за претседатели. Бројката на судии се намалува секоја година, а сето ова се одразува на ефикасноста и ажурноста на поголемите судови, кои имаат доволно работа, а немаат доволно судии. Крајно време е со реформата малите судови да преминат во одделенија, рече Георгиев.