Дамјан Давков пред два месеца освои злато на математичка олимпијада, сега се здоби и со бронза на Олимпијада по информатика

Бронзениот медал за Македонија освои средношколевот Дамјан Давко на вчера завршената Интернационална олимпијада по информатика што се одржа во Сегедин, Унгарија. Македонскиот тим на овој светски најпрестижен годишен натпревар од областа на програмирањето за средношколци беше составен од учениците Дамјан Давков, Иван Занов, Марко Петров и Благој Рујаноски Стојановски, а предводени од лидерите – д-р Емил Станков и Владислав Бидиков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Останатите тројца наши натпреварувачи имаа забележителен настап, при што Марко Петров освои олимписка пофалница, а беше многу блиску и до освојување бронзен медал – од ова извонредно достигнување го делеа само 14 поени (од можните 600 поени на натпреварот).

ИОИ е најпрестижниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите членки на ИОИ заедницата. На овој натпревар учествуваат исклучително талентирани средношколци од целиот свет, кои натпреварувајќи се ги изоструваат своите информатички вештини, како што се анализа на проблеми, дизајн на алгоритми и податочни структури, програмирање и тестирање. Секоја година, во околу 90 држави од светот се организираат национални натпревари во програмирање, на кои учествуваат повеќе од 400.000 ученици, сите со единствен мотив – да се изборат за големата чест и привилегија да ја претставуваат својата држава на ИОИ.

Годинава на ИОИ учествуваа вкупно 351 ученик од 90 земји од целиот свет.

Од првото учество како независна држава на ИОИ во 1996 година, Македонија има резултати со кои може да се пофалат релативно мал број од земјите – учеснички на ИОИ: освоени 3 сребрени и 24 бронзени медали.

Следната, 36. по ред, Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2024), ќе се одржи идната година во Египет. Следен настан пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Европската јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ) во Кутаиси, Грузија, која започнува на 8 септември.

Претходна вестКлисаровска: Медицинската сестра фатена во кражба е отстранета од Онкологија
Следна вест„Убивате за профит“, протест по скандалот со кражба на лекови на Онкологија