За време на тридневниот „Викенд без ДДВ“ граѓаните потрошиле 526 милиони денари, односно, 8,5 милиони евра, информираа денеска од Управата за јавни приходи. Ова значи дека на граѓаните ќе им биде вратен данок во вкупна вредност од 63,4 милиони денари или нешто повеќе од еден милион евра. Од Управата за јавни приходи велат прометот на 10, 11 и 12 октомври кога и беше Викенд без ДДВ е за два пати поголем од потрошеното во трите дена кои им претходеле.
Ова е значително, значително помалку од очекувањата кои пред акцијата ги најавуваше Владата според кои се предвидуваше дека во овие три дена граѓаните ќе направат промет со домашни производи од 170 милиони евра, а на граѓаните да им се врати ДДВ од 17 милиони евра.
Во УЈП не очекуваат дека во наредниве два дена, во текот на кои граѓаните имаат право да ги скенираат сметките, значително ќе се смени билансот.
Данокот за скенираните сметки државата ќе го враќа за 15 дена од скенирањето. Секој поединец можеше да скенира сметки за вкупен промет со македонски производи или ИТ опрема од најмногу 30.000 денари.
Инаку, за време на викендот дел од граѓаните се пожалија дека не пазареле многу бидејќи немаат доволно пари за да се осети придобиката, немало многу голем избор на македонски производи, а компјутерите биле прескапи. Се пожалија и дека значаен дел од дуќаните не биле отворени цело време.
Останува да се види дали Владата ќе ја повтори оваа мерка за помош на економијата и граѓаните.