Децата неповратно ни заминуваат во странство, властите пред се мислат за своите деца

Имам двајца братучеди кои заминаа како високообразовани кадри во Германија. Не сакаат да останат бидејќи нашето здравството се распаѓа, а своите деца не сакаат да ги даваат во несреден образовен систем. Ми велеа – нели гледаш дека властите мислат само на своите деца, ни истакна скопјанката Елеонора

 Една од најзагрижувачките појави во Македонија е иселувањето на населението. Младите си заминуваат. А анкетите покажуваат дека од оние што останале дури 60, 70… проценти сакаат да заминат. При споредба на пописните резултати од 2002 и од 2021 година се гледа дека најмалку околу 150.000 млади лица ја напуштиле Македонија. Загрижена е Владата од ова?

За жал, трендот не запира туку иселувањата се засилуваат. Се оди на работа во Германија, Италија, Малта, Словенија, Хрватска… секаде каде што може да се најде постојана работа, подобра плата и подобра политичка и економска клима.

-Вработувања нема, работат за минимална плата со која ни сами не може да опстанат, а камо ли да формираат семејство. Ги плаќаат по 100 денари на саат. Има и деца со факултети кои си заминаа. Но, никој ништо не презема да останат младите тука, да имаат работа и поголеми плати. Сега, немало кадар, е нема…, ни кажува Благородна Серафимоска.

Причини за заминување има и во правната несигурност, лоштото здравство и образование…

-Имам двајца братучеди кои заминаа како високообразовани кадри во Германија. Не сакаат да останат бидејќи нашето здравството се распаѓа, а своите деца не сакаат да ги даваат во несреден образовен систем. Ми велеа – нели гледаш дека властите мислат само на своите деца, ни истакна скопјанката Елеонора.

Ланското истражување на  Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи покажало дека дури 90 проценти од анкетираните млади сакаат да се иселат, а корупцијата во општеството била една од главните причини. Другите, слични, истражувања покажуваат дека за тоа размислува најмалку половина од анкетираните. Она што е најтешко е што заминуваат и најстручни – инженери по информатика, лекари, архитекти…

-Причини за иселувањето треба да се бараат во тоа што на младите им се бара партиска книшка, што се зголемува корупцијата, што има непотизам и вработување на позиции со несоодветно образование, смета Мирјана Јанколовска.

Сето ова се причини коишто се одамна познати во македонското општество. Но, проблем е што тие не се решаваат, не се отстрануваат со што би се намалило незадоволството кај младите. Прашањето води кон тоа дали Владата презема доволно мерки за да се запре иселувањето. Владините функционери последните години постојано потенцираат дека интеграцијата на земјата во ЕУ и НАТО ќе помогне да се запре заминувањето на младите. Тоа е доволно?

-Очигледно е дека Владата не е доволно заинтересирана, не обезбедува соодветни работни места. Тие што ги има ги пополнува по етнички клуч наместо по квалитет и стручност. Не се размислува ниту за враќање на младите стручни лица туку се вработуваат несоодветни кадри. Затоа во државата ни е хаос, смета Мирјана Јанколовска.

Реално ли е да се очекува од оваа Влада дека ќе се заземе за решавање на овој голем проблем? Има граѓани кои очекуваат дека министрите ќе сработат нешто, но многумина се скептици особено откако гледаат чии деца стануваат судии и обвинители, кој добива тендери, чии деца се по управни одбори… 

Заминуваат цели семејства, остануваат само бабите и дедовците

Додека се чекаат промените во Македонија како да се случува и нов бран на заминувања. Само во текот на првото полугодие од основните училиштата во повеќе градови во земјава испишани се најмалку 670 ученици. Сите тие, според сознанијата, се заминати во странство заедно со нивните родители. Значи остануваат само бабите и дедовците. Но, може наскоро и тие ќе бидат повикани во новите домови во Авструја. Словенија. Германија…

Претходна вестОгромна грешка е што во Македонија има систематско уништување на патриотизмот
Следна вестЗатворено градилиште позади Универзална сала