Поголемиот дел од Скопје денес околу пладне останаа без струја. Од ЕВН објаснуваат дека дефектот е во трафостаница на МЕПСО, од каде што добиле струја со висок напон, поради што снабдувањето автоматски било прекинато за да не се случи оштетување на мрежата. Снема струја во делови од Центар, Капиштец, Тафталиџе, Козле и од Ѓорче Петров.
– Од МЕПСО добивме струја со повисок напон и се вклучи заштитата поради што беше блокирано снабдувањето со струја. Технички не е можно во мрежата на ЕВН да се извшри прием на струја со повисок напон. Во нашата мрежа нема дефект, но струја нема оти чекаме да се стабилизира напонот на струјата што ја добиваме од МЕПСО, објасни Ленче Карпузовска, менаџер на одделот за маркетинг и комуникации во ЕВН.
Одредени делови, во кои снема струја, веќе се приклучени на системот. Од ЕВН уверуваат дека како ќе паѓа напонот на струјата што ја добиваат од МЕПСО, така корисниците повторно се поврзуваат. Во некои населби прекинот траел 15 минути, а други сè уште чекаат да им дојде струја.