Делегација на ЕУ: Признавањето на пасошите со старото име е работа на секоја земја членка одделно

Признавањето на патните исправи со старото уставно име на државата е работа на секоја држава поединечно, изјавија денеска од Делегацијата на Европската Унија во Македонија. Оттаму одговорија на прашањето на државната агенција МИА за ставот на ЕУ во врска со предложените законски измени за продолжување на рокот на важност на пасошите со „Република Македонија“.

Во изјавата се наведува и тоа дека е важно Македонија да продолжи да ги почитува меѓународните договори, вклучувајќи ги и заложбите поврзани со замена на патните исправи, содржани во Преспанскиот договор.

На прашањето за ставот на ЕУ во врска со предложените законски измени за продолжување на важноста на патните исправи до крајот на оваа година, кои се ставени на дневен ред денеска на 145. собраниска седница и дали таквите измени ќе бидат прифатливи за ЕУ, од Делегацијата добивме одговор дека она што е важно за земјава е да ги почитува меѓународните договори, но оти признавањето на патните испрати е работа на секоја држава поединечно.

– Важно е Северна Македонија да продолжи да ги почитува меѓународните договори, вклучувајќи ги и заложбите за замена на патните исправи, содржани во Преспанскиот договор. Потсетуваме дека признавањето на патните исправи издадени од трети земји е во надлежност на секоја земја-членка одделно, се наведува во одговорот на Делегацијата на ЕУ.

Одговорот од Делегацијата на ЕУ доаѓа во пресрет на денешната собраниска седница на чиј предлог-дневен ред, меѓу другото, е и точката за предлог-измените на Законот за патните исправи. Измените со кои се бара продолжување на рокот на пасошите со старото уставно име ги предлага пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Претходна вестГрабеж во банка во Илинден – одземена голема сума на пари
Следна вестСкопје доби биокомпостара која за 24 часа ќе преработува еден тон биоразградив отпад