Поранешниот директор на Фондот за здравство, Ден Дончев, го демантира контекстот на објавените аудио и видеоснимки на „Јутјуб“ на кои наводно прима поткуп. Тој вели дека снимките се нецелосни и дека се извадени од контекст.
-Одлучно и во целост го демантирам контекстот на објавените аудио и видеоснимки со мене. Ги отфрлам сите инсинуации и манипулации кои се со цел да бидам политички деградиран. Забележливо е дека снимките се нецелосни и се вадени од контекст со цел во јавноста да се постигне одреден наратив, истакнува Дончев, пренесува Макфакс.
За случајот „Дијамед“, вели дека имал многу средби и разговори, некогаш официјални, некогаш консултативни, а некогаш неформални.
-Токму во двете снимки се разговара за можните стратешки правци за дејноста дијализа по продажбата на ‘Дијамед Македонија’. Мојот став секогаш бил дека институциите на државата се единствени задолжени органи кои ќе го проследат овој случај, вели Дончев.
За второобјавената аудиоснимка и третообјавената видеоснимка, вели дека се од приватен карактер и не се поврзани со извршување на неговата јавна функција.
-Како што веќе беше објавено во некои медиуми, станува збор за приватни деловни односи помеѓу мој долгогодишен пријател, кој е малцински сопственик во една македонска сателитска компанија, и компанија од Србија како мнозински сопственик, појаснуваа Дончев.
Тој додава дека објавената видеоснимка каде се гледа дека става купче пари во торба е од поодамна и станува збор за снимка од приватен карактер. Дончев, остава понатаму државните институции да си ја вршат својата работа.