Денес протест пред Владата за подобри услови за студентите на ФИНКИ

Студентите и раководството на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), денеска во 12 часот ќе одржи протест пред зградата на Владата.

Протестот е согласно одлука на декенатската управа, а целта, како што велат од ФИНКИ, е укажување на власта за потребата од подобрување на условите за студирање на студентите на Факултетот. Посочуваат дека вистински предизвик за управата на факултетот е да ги смести сите запишани студенти, бидејќи, како што велат, со повеќе од 5.000 студенти, ФИНКИ е најброен факултет во државата.

Најавуваат дека на протестот ќе се одржи 25-тата редовна седница на Наставно-научниот совет, каде покрај деканот и продеканите, членови на деканатската управа се и раководителите на институтите и еден член избран од Факултетското студентско собрание.

Од неформалната организација Студентска револуција соопштија дека ќе го поддржат протестот и ги повикаа на поддршка студентите, професорите, како и вработените на УКИМ.

–Ние Студентска револуција како неформална организација го поддржуваме протестот на ФСС Финки и УСС пред Влада. Воедно ја користиме оваа прилика е да ве повикаме сите студенти, професори, вработени на УКИМ заедно да излеземе и да одеме пред Влада со едно прашање: „Како преку вештачката интелегенција да дојдеме до „таа“ зграда на ФИНКИ?“, велат од организацијата.

Претходна вестБез струја делови од општините Аеродром, Петровец и Чучер Сандево
Следна вестЦУК: Шест пожари на отворено во последното деноноќие, 1.953 повици на 112