ЦУК: Шест пожари на отворено во последното деноноќие, 1.953 повици на 112

Во последното деноноќие регистрирани се шест пожари на отворено. Пожарникарите од ТППЕ Струмица вчера од 10:30 до 12:10 часот интервенирале на запалена ниска вегетација во атарот на селото Сачево.

Со пожарот била зафатена поголема површина, поточно 20 хектари, а интервенирале пет пожарникари со две противпожарни возила, информираат утрово од Центарот за управување со кризи.

ТППЕ Велес вчера од 13:08 до 14:20 часот, со тројца пожарникари и едно противпожарно возило интервенирале на запалено ѓубриште во село Речани.

Двајца пожарникари со едно возило од ТППЕ Кавадарци вчера од 15:10 до 15:50 часот интервенирале на запалена ниска вегетација на површина од 1,5 декари во село Дреново.

Пожарникарите од ТППЕ Куманово вчера од 10:55 до 11:25 часот гаснеле запалена ниска вегетација во село Романовце.

ТППЕ Тетово вчера од 16:30 до 17:10 часот интервенирале на запалена ниска вегетација покрај патот за село Требош.

РЦУК Скопје информира дека вчера околу 14:40 часот добиле пријава за пожар на отворено на три километри северно од село Горно Количани.

-По комуникација со Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје и ЈП „Национални шуми“ подружница Караџица, било констатирано дека пожарот е на непристапен терен на место викано Варвара. Дежурните екипи од ЈП „Национални шуми“ подружница „Караџица“ ја следат состојбата и ако утрово пожарот не е самоизгаснат, ќе заминат на терен, соопшти ЦУК.

ЦУК апелира да не се пали вегетација на отворено, редовно да се чистат локалните одводни канали и да не се фрлаат отпадоци во каналите.

Во последното деноноќие имало вкупно 1 953 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 46,34 отсто, а 47,28 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 67,16 отсто од повиците, кон Итната медицинска помош 27,99, а кон пожарникарите 3,36 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.

Претходна вестДенес протест пред Владата за подобри услови за студентите на ФИНКИ
Следна вестБугарија повторно паѓа во политичка криза, можни се нови вонредни избори