Денес, според традицијата, помладиот бара прошка од постариот. И секој секому му вели: „Прости ми“, а тој одговара: „Простено да ти е од мене и од Бога“. Така прави секој кон секого, и машко и женско, помладиот кон постариот, но и постариот кон помладиот… Ваков е начин на којшто денеска се одбележува еден од големите христијански празници – празникот Прочка или Велики Поклади, меѓу народот познат и како Проштени Поклади. По меѓусебното поздравување, верниците, на големиот празник, ќе забораваат на кавгите, на проблемите, на недоразбирањето и со чиста совест и душа ќе ги започнат велигденските пости.
Проштевањето е духовно миење. Тоа е очистување на душата, односно, очистување на две души одеднаш. Се ослободува и оној што пришол кон другиот и оној што простил. Првиот, за да му пријде нему, веќе му простил и му приоѓа со љубов и покајание, а тој се топи од силата и топлината на љубовта и му ја дава сета своја љубов и прошка
Прочка е подвижен празник, датата му се менува во зависност од датата на Велигден, и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден. Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, кој треба да го следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.
За Прочка семејството би требало да го помине празникот во пријатна и топла атмосфера и со богата трпеза.
На овој ден се изведуваат богати обичаи како што се проштевањето, по што и празникот го добил името, потоа амкањето, обредните огнови, богатата трпеза, гатањето за живот и среќа, обичаите за очистувањето од болви, вошки и други штетници. Обичаите се стари и македонски, кои се пренесуваат од колено на колено меѓу генерациите. Од верски аспект, само простувањето како обичај има христијанска основа, додека други се остатоци од претхристијанските пролетни празнувања.
Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни продукти или сукани пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца. Варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Детето што ќе успее го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда.
Еден од главните елементи на Прочка е маскирањето и преоблекувањето. Според обичајот, за Велики поклади порано се маскирале само мажите, а маските требало да бидат што пострашни и посмешни. Тие содржат повеќе хумор и смеа кои се овосветски и земни, материјални димензии на човечкото празнување или испразнување.
Утредента, првиот ден по Прочка е чист понеделник кога постот веќе започнал. Тоа е првиот ден од големиот Велигденски пост. Чист понеделник е така именуван затоа што започнува нешето очистување со постот – духовно и телесно.