Денеска е Св. архангел Михаил – празник на војводата на сите ангели

Денеска православните христијани го празнуваат Св. Архангел Михаил, еден од најголемите христијански празници и една од најчестите куќни слави.

Архангел Михаил е водачот на небесните војски кој секогаш се јавувал на местата на кои се појавувала Богородица, така што претставува небесна сила и заштита на земјата. Празникот на Архангел Михаил се нарекува уште и празник на војводата на сите ангели.

Главниот празник на Св. Архангел Михаил се празнува на 8 ноември (Јулијански календар) односно 21 ноември по нов стил. Се вика Собор на свети архангел Михаил. Тој е меѓу поголемите есенски празници што нашиот народ ги празнува со домашни служби, меѓу народот попознат како Аранѓел, Оранѓел или Аранѓеловден.

Црквата го определила овој ден за празник во чест на сите ангели, а најмногу на свети архангел Михаил кого го смета за водач на сите небесни сили.

Тогаш именден празнуваат: Ангел, Ангелина, Михаил, Мила, Милка, Михаила, Михо, Рајко, Рајна, Ратка…

Пред да го создаде материјалниот свет (земјата, небото, ѕвездите, човекот итн.), Господ го создал духовниот свет ‒ ангелите. Ангелите се духови поради што се невидливи, а за подобро да бидат сфатени и за да се создаде претстава за нив на фреските и иконите се претставени во човечка форма. Тие се Господови гласници (ангел значи весник) ги пренесуваат божјите заповеди поради што на фреските се претставени со крилја. Тие се поим за младост и безгрижност поради што се претставени како деца бидејќи староста, обелувањето на косата и брчките на лицето се последица на животните грижи и страдања. Тие се насликани во бела облека што симболизира душевна чистина и невиност. Единствено архангел Михаил е претставен во војводска облека. Зошто архангел Михаил е насликан како војвода?

Во почетокот сите ангели биле добри. Подоцна некои од нив станале лоши, се одметнале од Бога и почнале да прават злодела. Нив ги викаме ѓаволи. Еден меѓу нив по име Деница, заслепен од големата моќ што му ја дал Бог, се одметнал од Бога, собрал големо друштво и создал цело невидливо небесно духовно царство. Свети архангел Михаил го победил, го симнал од небото, а и подоцна продолжил да се бори за славата Божја поради што е претставен во војводска облека со меч и копје во рацете.

Тогаш, кога некои ангели почнале да го напуштаат Бога и станале лоши архангел Михаил ги собрал сите ангели и како знак на верност кон Бога почнал заедно со нив да ја слави Света Тројца со песната: Свет, Свет, Свет е Господ Саваот. Во спомен на овој собир црквата го востановила празникот Собор на свети архангел Михаил што се празнува на 21/8 ноември. Со овој празник им се оддава признание на сите ангели кои ги има безброј.

Зошто токму на овој ден се празнува денот на ангелите? Според некои истражувачи месецот ноември е одбран поради тоа што во поранешното сметање на времето, кога годината започнувала од март, ноември бил деветти месец, а девет се чиновите ангелски. Денот осми (според стариот календар) е одбран поради тоа што на осмиот ден од страшниот суд ќе дојде Исус да им суди на живите и мртвите.

Секој народ си има свој ангел пазител, а освен тоа и секој христијанин има свој ангел пазител. Треба секогаш да се сеќаваме дека што и да правиме, јавно или тајно, го правиме тоа во присуство на својот ангел-чувар. А на денот на Страшниот Суд сето огромно мнозинство ангели ќе се соберат околу Христовиот престол и пред сите нив ќе се објават сите дела, зборови и помисли на секој човек.

На овој ден според народните преданија треба да им се помогне на сиромашните и немоќните, да им се даде храна и пиење, а и да им се упати топол збор. За сета ваша добрина светецот ќе ве награди со ислушување на молитвите и желбите.

Едно народно верување вели дека според временските услови на овој ден може да се одреди каква ќе биде годината. Се вели: какво ќе биде времето на Аранѓеловден, такво ќе биде во текот на целата зима и пролет. Во некои краишта се слави и како празник на сточарите бидејќи се верува дека само тој може да ги истера волците. Меѓу нардот владее верување дека овој ангел ги посетува болните и ако застане кај ногата- не е на добро, а ако застане кај главата- болниот ќе оздрави.

Претходна вестПроменливо облачно со кратки сончеви периоди
Следна вестСобранието го изгласа новиот Деловник, Џафери порача дека Крмов ќе си ја плати штетата што ја направи