На еден ден пред гласачкиот ден за двојните избори, денес своето право на глас први ќе го остварат болните и изнемоштените лица, како и затворениците во казено-поправните домови во државата. Од Државната изборна комисија информираа дека за претседателските избори ќе гласаат 11.123 болни и немоќни лица, а за парламентарните избори бројката е поголема за 102 избирачи или ќе гласаат 11.225 болни и немоќни лица.
Освен изнемоштените и затворениците, денес своето право на глас ќе го остварат и пријавените македонски државјани од дијаспората, но единствено за претседателските избори. Гласање за парламентарните избори во дијаспората нема да се спроведе поради недоволен број пријавени.
На овие парламентарни избори поднесени се 17 кандидатски листи, за парламентарните избори од кои 16 на политички партии и коалиции и една од група избирачи. Севкупно, на изборите учествува 61 партија. Од нив, 11 самостојно, а 50 во пет коалиции.
Македонските гласачи го бираат и претседателот на државата меѓу двајцата кои влегоа во втор круг, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска – Давкова.
На вториот круг од претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 избирачи, а на парламентарните избори 1.815.350 избирачи. Разликата во гласовите е 1033, генерално поради граѓани кои стекнуваат полнолетство. Во посебните изводи од Избирачкиот список за лица кои поднеле пријава за гласање во дипломатско конзуларните претставништва или конзуларни канцеларии се запишани 2.569 избирачи, а во затворите или во притвор 2.147 избирачи.
За вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори на 8-ми мај, акредитирани се вкупно 1.999 набљудувачи, преведувачи и странски новинари. Најмногу акредитирани се домашни набљудувачи – 1.078.