Денеска почнуваат разговорите за коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“

Денеска напладне ќе се одржи првата средба на работната група на ВМРО-ДПМНЕ предводена од партискиот лидер Христијан Мицкоски и претставниците на коалицијата „Вреди“ на партиите на Албанците за евентална соработка во рамки на идната Влада. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски ова го најави синоќа додавајќи дека не се очекува веќе денеска да дојде до договор но и дека тој е извесен доколку постојат добра верба, реални очекувања и фокус на политиките во интерес на граѓаните.

-Уверен сум дека нема да се дојде до заеднички јазик веднаш на првиот состанок. Ќе се претстават позициите на двете страни, ќе видиме какви ќе бидат гледиштата, но доколку имаме меѓусебна добра верба, доколку сме реални за очекувањата и доколку сме фокусирани на креирање политики во интерес на граѓаните да ја вратиме надежта во оваа безнадежна држава, безнадежноста којашто беше, јас би рекол, главен симбол на последните седум години од владеењето на СДСМ и ДУИ, тогаш ќе најдеме заеднички јазик, рече Муцунски.

Муцунски истакна дека со претставниците на „Вреди“ сè уште не разговарале за конкретни прашања и барања во поглед на нивно евентуално учество во идниот владин состав.

Според најавите, се очекува првично да се разговара само за принципите на коалицирање, а не за ресори и функции.

Арбен Таравари, кој беше претседателски кандидат на „Вреди“ вчера изјави дека едно од барањата во преговорите за Владата им е и фукцијата претседател на Собрание.

-Се уште немаме отворено дискусија за кадровските прашња. Се надевам дека ќе имаме претседател на Собрание, тоа ќе биде едно од барањата, рече Арбен Таравари.

Таравари исто така повтори дека условот за уставните измени е тие да се направат во првите шест месеци, односно до почетокот на следната година.

-Имаме поддршка од меѓународниот фактор, што е добро. Се видов и со Ванхојт, кој ќе фасцилитира за да се најде начин за уставните измени. Ќе го охрабриме и премиерот и следната Влада за да видиме какво ќе биде решението, да се најде компромис од двете страни, рече тој.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за Канал 5, завчера изјави дека коалицијата треба да биде во духот на партнерството, а не со ултиматуми

-Никој не е против европската иднина, јас сум првиот кој сака Македонија да биде во Европската Унија, но не можам да го прифатам аргументот дека ова е на маса – земете го или оставете го. Ова е ултиматум и нема врска со европските вредности. Јас не учествував, но ниту ВМРО-ДПМНЕ учествуваше во договорот на тој ултиматум и уште повеќе – се понудивме да бидеме дел од тој процес, но тие не одбија. ВМРО-ДПМНЕ не може да плати за грешките на некои немудри политичари, рече Мицкоски.

Претходна вестПроменливо облачно и потопло со сончеви периоди
Следна вестВо ДУИ тврдат дека сите партии што се во Европскиот фронт ќе продолжат да делуваат заедно