Денеска получасовен протест пред сите здравствени установи

Денеска во периодот од 10.30 часот до 11 часот Независниот синдикат на здравствените работници и административно техничкиот персонал, организира предупредувачки протест пред сите здравствени установи во  Македонија.

– Воедно ги замолуваме сите возачи на амбулантни возила да нѐ поддржат со едноминутна звучна сигнализација (од 10:30 часот до 10:31 часот) во знак на револт. За колегите во Клиничкиот центар “Мајка Тереза” предупредувачкиот протест ќе се одржи во дворот на Клиничкиот центар, затоа што заедно секогаш можеме повеќе. За нас се работи! – се вели во повикот.

Покачување на платата на здравствените работници за 30 проценти, нов колективен договор, бенефициран стаж на вработените во итна медицинска помош, рендген и психијатриските болници, додатокот за инфекција да се зголеми на 4 проценти и итна трансформација на договорите од определено, на неопределено време, бараше Независниот синдикат на здравствените работници, на почетокот на септември.

Велат дека просечната плата на околу 25 илјади здравствени работници во земјава, е под просечната во државата, односно почетната платата на здравствените работници е 20.700 денари, на докторите е од 32 до 35 илјади, а специјалистите максимум до 45 илјади.

Министерство за здравство неодамна ги одби барањата на Независниот синдикат.

-Можностите и буџетот не дозволуваат ново покачување на платите на здравствените работници. Оваа година два пати веќе се покачуваат платите на здравствените работници. Еднаш во првата половина на годината се покачија за 2.000, 2.500 и 3.000 за три различни групи здравствени работници. Сега на 9-ти октомври имаше ново покачување од 10 проценти, плус договорена е исплата на регрес на крајот на годината. Апсолутно сметаме дека покачувањето е значајно и министерството за здравство и министерот д-р Меџити од преземањето на функцијата силно се залага за подостоинствен приход, а двете покачувања се резултат меѓу другото и на оваа заложба. Сепак, можностите и буџетот не дозволуваат повеќе, беше наведено во одговорот на МЗ.

Претходна вестСончево со умерена облачност
Следна вестБлагоја Попов – од партизан до градоначалник кој го градеше разореното Скопје по земјотресот