Денеска, на 28-ми август, се празнува Голема Богородица. Тоа е најголемиот летен христијански празник. Како што стои во Светото Писмо на овој ден Божјата мајка го напушта земниот живот и оди кај својот син Исус Христос. Со самото тоа не се слави смртта, туку вознесувањето на Богородица во небесните живеалишта.
Кај македонскиот народ и традиција празникот се нарекува Голема Богородица, бидејќи има и празник Мала Богородица, кога се слави нејзиното раѓање. По повод овој ден Во македонските цркви и манастири се извршуваат богослужби.
Инаку, со одржувањето на вечерната богослужба, вчера, започна одбележувањето на големиот православен празник Успение на пресвета Богородица во истоимениот манастир во Матка, крај Скопје. Овој манастир, традиционално, е централно место на празнувањето на заштитничкатата на градот Скопје.
Прославата по повод празникот почна со едночасовна вечерна богослужба во дворот на манастирот, на отворено, а сите присутни ќе мора да стојат на растојание за да се запазат преветнивните мерки против корона вирусот. После вечерната служба ќе продолжи посетата на храмот според превентивните мерки.
За денеска е предвидено да започне бдението кое ќе заврши со Божествена литургија, со која ќе чиноначалствува поглаварот на МПЦ – ОА г.г. Стефан. Во дворот на манастирот ќе се одржи и традиционална крводарителска акција.
Во манастирот ќе се влегува на предната врата, а од таму ќе се излегува на задниот влез. Секој посетител за да влезе ќе мора задолжително да носи маска. На влезот ќе се мери температура. Верниците и посетителите ќе мора да внимаваат и да одржуваат дистанца од 1,5 метар. Местата за стоење и за правец на движење во манастирот ќе бидат одбележани. На влезот и за време на задржување во манастирот е задолжителна дезинфекија на рацете, како за посетителите така и за оние што ќе бидат задолжени за организацијата на настанот. Со оглед на законските правила и услови донесени од страна на Комисијата за заразни болести, нема да има служење на храна и пијалаци, како и културно-забавна програма. Предвидена е и надворешна продавница со манастирски производи и сувенири. На денот на празникот во дворот ќе има поставено и маса за осветување на славски колачи.