Празник посветен на Свети Наум Охридски, голем христијански просветител и исцелител одбележуваат денеска православните христијански верници во Македонија. Свети Наум е најблискиот соработник на свети Климент, првиот словенски епископ и основоположник на манастирот посветен на светите Архангели на Охридското езеро.
Ако свети Климент Охридски остана во споменот на народот со својата просветителска дејност, свети Наум остана запаметен како чудотворец, со моќта да лекува и за време на животот и по смртта, да лекува од најразлични болести и луѓе од разни вероисповести. Тој остана запаметен и по заштитата на манастирот. Култот на свети Наум зрачел на поширок простор не само во охридскиот крај, туку и во преспанскиот, па дури до Корча, каде што манастирот имал свои имоти.
Kултот кон свети Наум бил раширен и во Унгарија и Романија каде што имало иселеници од македонските краишта.
Тој заедно со Свети Климент Охридски се најпознатите и најзначајни ученици на Светите браќа Кирил и Методиј. Учествувал во Моравската мисија, а по враќање во Македонија на брегот на Охридското езеро изградил манастир што го носи неговото име. Починал во 910 година и наскоро по смртта бил прогласен за светец. Неговите ученици за него напишале житија и служба.
Свети Наум освен по црковната дејност е познат и како македонски средовековен писател и културен деец. Од неговите творби, за кои се претпоставува дека се повеќе, откриено е химнографското дело „Канон за аспотолот Андреј“, а се знае за уште други два канона напишани од него: „Канон на Архангел Михаил“, и „Канон за пренесување на моштите на Јован Златоуст“.