Денот кога првиот Македонец се искачи на Монт Еверест, планината се уште не го дава телото на Димитар Илиевски – Мурато

Здраво Диме, како си, како сте, како се чувствувате. Сите сме горди на тебе… Ептен убаво се чувствувам, и ние сме среќни со вас.. Вака на 10 мај 1989 година течела радио-комуникација меѓу базниот логор со првиот Македонец кој се искачил и го освоил врвот на светот Монт Еверест. Констактот е остварен непосредно по искачувањето на врвот висок 8.848 метри и што претставуваше историски успех за македонскиот алпинизам и за Македонија. Тоа истовремено беше и круна на успешната кариера на тогаш 36-годишниот битолчанец кој планините ги сакаше бескрајно. Се одликувал со фрапантна љубов кон планините и непоколеблива амбиција за соочување со најтешките предизвици. Во својата богата алпинистичка кариера се има искачено на повеќе планински врвови.

Заедно со Димитар на врвот тогаш се искачија и Виктор Грошељ (36) од Љубљана и Стипе Божиќ (37) од Сплит. На, за жал, набрзо при симнувањето се случила тратегија во која животот, под се уште неразјаснети околности, го загубил Димитар Илиевски…

Во големиот потфат тогаш тргнала македонската алпинистичка хималајска експедиција „Еверест ’89“ која решила искачувањето да го направи од непалската страна преку ледоломот Кумбу. Биле поставени неколку базни логори, од кои последниот на Јужното седло на висина од околу 8.000 метри. Од него, на 10 мај, рано изутрина, во поход кон врвот на светот покрај Илиевски тргнаа Виктор Грошељ,  Стипе Божиќ и шерпасите Сонам и Аџива. Тргнале околу 3 часот изутрина за да некаде околу 17.30 часот прв на врвот се искачил Илиевски. Петнаесетина минути подоцна на врвот пристигна Божиќ со двајца непалски шерпаси Сонан и Аджива. Искусниот Божиќ, кој веќе еднаш ја има почувствувано убавината на Монт Еверест, откако, направи неколку фотографии на Илиевски, како и Илиевски на него, по десетина минути престој тргна назад, заедно со шерпасите. Не сакаше ништо да ризикува, времето почна да се влошува, почна да се стемнува, се закануваше долга и студена ноќ. Го повика и Илиевски заедно да тргнат кон логорот, но тој не го послуша, остана да го чека Виктор Грошељ. Ова, можеби, била и голема грешка на Илиевски која подоцна придонела тој да загине. Словенечкиот алпинист се појавил на врвот некаде околу 18.40 часот по што меѓусебно си честитале. Сето тоа според подоцнежните зборови на Грошељ трајало околу 20 минути, кога Илиевски, прв а потоа по него и Грошељ го напуштиле врвот и тргнале кон базниот логор. Значи, Илиевски непотребно останал повеќе од еден час на таа голема височина, трошејќи драгоцен кислород на толку голема височина каде без него тешко се дише, се губи здив, се троши силата…

Додека во базните логори траела прослава на враќањето се случува и трагедија за која се уште не се знае како настанала. Алпинистот Грошељ подоцна раскажуваше дека откако тргнале заедно Димитар се решил да оди побрзо од него и да се симнува сам иако тоа беше ризично. Во тоа брзање, на околу 400 метри од логорот Диме дури ги минал и Божиќ и шерпасите кои отпорано се симнувале. Но, кога Грошељ, Божиќ и шерпасите стасале во базниот логор Илиевски го немаше. Беше загубен некаде и по што веќе не можеше ни да се најде ни да се бара. Останал во планината при што се уште се дилемите дали заспал, дали доживеал мозочен удар или слично…

Оттогаш, цели 34 години, телото на Илиевски е на падините на Монт Еверест. Имало сведоштва на планинари дека на далечни падини го виделе неговорот тело но се уште не е точно лоцирано. Во 1998 година се организираше алпинистичка експедиција во организација на Македонската алпинистичка асоцијација и Македонскиот олимписки комитет со цел да се симне телото на Диме од планината и согласно со непалските закони телото со свечена церемонија да биде запалено под базниот логор, и урната со пепелта да се донесе во Македонија. Експедицијата не се реализира заради настанати административни пречки со непалската влада пред самиот нејзин почеток. Но, идејата за симнување на телото на Диме не е напуштена, бидејќи се смета дека е позната точната локација на неговото тело. Кога ќе се оствари, кога посмртните останки на првиот Македонец којшто го освоил Монт Еверест ќе си дојдат во татковината не е познато. Но, споменот на него не згаснува. Го чуваат со бројни обележја како планинари, така и неговата Битола и цела Македонија, а по негови патеки тргнаа и други наши алпинисти коишто досега го освоија врвот на светот.

 

Претходна вестОблачно, свежо, дождливо
Следна вестЊујоршката порота го прогласи Трамп за виновен за сексуален напад врз новинарка