Десет нови лекови наскоро ќе бидат ставени на позитивната листа, најави денеска министерот за здравство Фатмир Меџити. При посетата на поликлиниката „Чаир“ тој рече дека тоа ќе се случи во текот на јануари.
-Првите десет лекови од новиот двоцифрен број на лекови на позитивна листа, што ги користат пациентите со хронични болести, ќе бидат вклучени некаде во првите недели на јануари. Станува збор за лекови кои често се користат од пациенти со кардиоваскуларни заболувања, онколошки пациенти како и луѓе кои се соочуваат со респираторни и невролошки здравствени проблеми, најави Меџити.
Со тоа, нагласи, ќе се ревидира таа листа што не е ревидирана над 13 години.
Освен тоа, тој најави и нови коли за Итна медицинска помош и вработувања во здравството низ целата држава. Седум од колите за итна медицинска помош, се донација од Европска Унија и треба да бидат промовирани во првите недели на јануари.
– Плус оние што кога дојдов во кабинет, ги имаме нарачано, ќе се потпише тендерот некаде во јануари, за 22 коли, појасни тој.
Тој нагласи дека интензивно ќе има нови вработувања од јануари, најголем број за медицински сестри, но и во брзата помош, секаде каде што има дефицит, така што малку ќе се амортизира тој дефицит од вработувања.
Министерот рече дека при изборот на нови кадри, ќе се бираат најдобрите.