Пожарот во Универзалната сала почнал да се шири од старата иверица којашто ја имало во внатрешноста на објектот, а лицата кои го забележале не успеале да го изгаснат со противпожарни апарати, изјави денеска Лазар Арсовски, претставник на фирмата „Универзал балкан“ која е изведувач на салата. Тој претпоставува дека стар кабел или инсталација е можната причина за пожарот.
Во моментот кога избувнал пожарот во објектот имало двајца работници, еден инженер и двајца чувари.
-Градежните работници први го забележале пожарот и се обиделе да го изгаснат со противпожарни апарати, но не успеале, бидејќи била зафатена стара иверица кој за многу брзо време изгорела. Работниците ги повикале пожарникарите. Сега гореше старата конструкција, иверици, плочки, ѕидови.., изјави Арсовски.
Според него, проблем со стара електрична инсталација најверојатно е причината за пожарот.
– Имаше работници во Универзалната сала, но за среќа тие не биле внатре во објектот во моментот кога избувнал пожарот. А замислете, до пред само 10 дена имаше околу 80 работници кои работеа во Универзалната сала. За среќа, денеска немаше повредени, рече тој.
На прашање, дали има сомнеж за човечки фактор дека го предизвикал пожарот, тој рече: „Не можам да кажам, инженерите не виделе ништо. Имало ситни проблеми во овие три години – искра итн.“.