Во автобусот на „Беса транс“ кој изгоре на автопатот „Струма“ во Бугарија е пронајдено 45-то тело. Истражителите дошле до вакво сознание при повторен преглед на возилото. Информацијата за бугарската телевизија „Нова“ ја потврди заменик-главниот обвинител и началник на Националната истражна служба, Борислав Сарафов.
Тој рече дека при увид се пронајдени останки од дете и дека не постои осми патник што се спасил во несреќата.
Според него, трагичната ноќ во 21:15 часот ноќ преку граничниот премин „Капитан Андреево“ влегле 52 патници, од нив 45 се пронајдени во автобусот, седум се во болницата „Пирогов“.
Информацијата околу евентуалниот осми преживеан патник беше дадена вчера на прес-конференција на бугарските обвинители кои наведоа дека во остатоците од автобусот биле пронајдени 44 трупа.
Претходно, „24 Часа“ објавија изјава од лицето Сади Салех, за кого повеќе медиуми објавија дека е осмиот преживеан патник од автобусот. Но Салих откако го видел своето име се јавил и објаснил дека дека поради скршеница на раката во саботата бил примен во болницата „Пирогов“ во Софија, каде беа сместени повредените патници кои ја преживеаја автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија.
Болницата „Пирогов“ во листата на повредени лица го внела и Салех кој е бугарски државјанин.