Децентрализација е спасот за да не умираат регионите

Колумна на Габриела Арсова:

Од каде да започнам? Кога ја добив поканата да напишам збор-два, да изразам мислења и ставови на тема по сопствен избор бев искрено кажано почестена, задоволна и мотивирана… има што да кажеме и ние кои обично не сме прашани од институциите за мислење, предлози, искуства… Е да, но веќе во следниот момент се најдов пред голема дилема… Што? За што конкретно да пишувам? И решив – да посочам личен пример дека ни треба децентрализација и ни требаат луѓе кои нема да делат знаење кое самите го немаат.

Извесен период практично живеам во Берово, на врв планина што би рекле. Не знам дали сум единствена, но сигурно сум една од ретките која од Скопје отишла во едно од најмалите и инфраструктурно најодалечени градчиња да развива бизнис… Ете! Тука ми е силата! Илјадници се оние кои мигрираат од мало во поголемо место, но обратно?! Притоа не ги земам предвид возрасните кои се иселиле за да го ослободат станот на некое од децата или оние кои се вратиле зошто животот е поефтин?! Искрено, не знаев дека практично и ќе живеам во Берово, но приликите и околностите го направија своето.

Во сите овие години имав прилика во реалноста да ја почувствувам разликата од живеењето во мал град и во позитивен и во негативен смисол. Колку се тоа различни светови, менталитети, интереси. Да, од оваа позиција темите за кои се пишува, дебатира, се заплашувачка реалност – иселувањето на младите, генералното иселување на цели семејства, проблемите во земјоделието, овоштарството,сточарството, бизнис климата во руралните средини, трансграничната соработка,локалната власт…итн, итн…

И доаѓаме до конкретното – во овие години кој ли се не дојде да не советува, колку ли невладини правеа истражувања овде. И генерално површно и провизорно… Нема да заборавам настан на кој бев поканета, на која предавачот говореше за што говореше и во еден момент наиде на потсмев на публиката – не учеше дека треба да се прават сушари и дека можеби ќе дојде некој од Скопје да направи и се тоа пред мене жива, здрава – дојдена од Скопје, првиот сопственик на преработувачки капацитет на слива, добро позната на публиката. Јас се шокирав, тој се посрамоти… жалам, но ова е личен пример од тоа како се доаѓа на прошетка до Малешевијата и притоа до тој степен се потценува заедницата што дури доаѓаат и неспремни… Го споменувам ова само како илустрација и мое видување, за жал…

Дури пишувам и празнам дел од себе, се посилно ми зуи во ушите  – од горе треба да решат, од горе така рекоа (притоа не е блефирање нечие туку факт), немаме надлежност за тоа – а би го решиле веднаш, не се одобрија пари за… , немаме педијатар – никој не сака да остане, претседателот на судот е ротирачка фигура  – нема кој да остане, нема кој да ги бере овошките, нема веќе стада – се продадоа… никој не остана, нема…нема…, не остана… Вака е состојбата во малите места. Решение? Спас?

ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА! Децентрализација му е мајката! Единствено децентрализацијата е спасот и шансата да не умираат регионите… А верувам и ќе преживеат и ќе се развиваат. Тука има многу умни и способн луѓе ама се запоставени – заборавени или потценети. Да, тоа е мојата тема. И веќе доволно долго е и еве прилика да ја артикулирам гласно! Помислете на Мариово, Мијачијата – познати тажни приказни… Останати се сеќавањата и копнежите, испразнетите куќи и распаднатите училишта, задруги… е сега и Малешевско- Пијанечкиот регион галопира да ги стигне, а верувам и други региони. Како да се спаси ситуацијата?! Со силна децентрализација!

И така… 1001 ноќ Шехерезада раскажувала приказна без крај, а јас за децентрализација би беседела надолго и на широко колку што е потребно …Од каде да започнам? Повеќе од јасно, зарем не? ТОЧНО ОД ТУКА! И ЕТЕ БАШ ВАКА! 

Претходна вест(ФОТО) Ова ли е паркинг?
Следна вестЗдравствени работници, пациенти и волонтери ќе трчаат во чест на дарителите на органи