Децентрализирајте ги партиите за изборите да бидат навистина локални

 

Колумна на Габриела Арсова:

За време на овие локални избори Собранието повторно е на пауза, за да можат политичките партии и кандидатите комплетно да се посветат на изборната кампања?! Па зарем се парламентарни избори, а не локални. И некој што многу не разбира во политика, со право ќе се праша: каква врска има Паламентот со изборот на општинска власт? Баш и не е јасно, но можеби тука лежи и главната поента.

Партиите локалните избори ги водат ЦЕНТРАЛИЗИРАНО од центрите на партиите. Локалните интереси и теми паѓаат во сенка на меѓупартиските препукувања кои се главна тема на изборите. Главната порака од партиските центри до гласачите редовно е дека овие избори не се обични локални избори и дека од нив зависи по кој пат ке тргне државата или дека токму од овие избори зависи кој ке победи на идните парламентарни избори?!

Упс! Чекај сега, ова се ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ или ПРЕДПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ? Каде треба да е насочен фокусот на гласачот   –  кон личен избор од понуденото, да го избере најдобриот и најдоброто за регионот или едноставно изборите се борба мегу власта и опозицијата – позиционирање за следните парламентарни избори?

Е драги мои, тој број на освоени места, тие бројки за централно ниво, се всушност личности, карактери, интелекти, оние кои потоа управуваат со регионите на локално ниво. Тоа се истите оние партијци кои до последен момент ги држите во неизвесност дали ќе бидат кандидати или не? Истите оние кои место да се фокусираат на предкампања, на квалитетна програма, треперат што ќе се случи?! Каков е тој пристап на партиските центри – вие предложете неколкумина, ние ќе ви избереме?!

А кога сме веќе понудените кандидати – што мислите? Локалните немаат ли доволно капацитет да одлучат кој е правиот, па да се консолидираат силите и да се тргне во кампања подготвено и смирено? Не ми е целта да мудрувам, но убаво ги знаете последиците од ваквиот пристап – на партиско ниво: внатрепартиските несогласувања, контраудари за време на кампања, па за време на кампања се занимавање со внатрепартиско помирување за да не се изгубат сигурните партиски гласови, откажување кандидатури од сериозни личности кои сакате да ги ставите на кантар на вишепартиско премерување со други… и на крајот кој губи? Народот! Губи ЛОКАЛНОТО!

Е затоа не не бива. И си тонеме се подлабоко и подлабоко. Ова во фудбалоте се вика автогол!!! За локални избори станува збор… локални потреби, локални проблеми, различни интереси на пооделни региони. 

И затоа порачувам до партиите: Охрабрете се! ДЕЦЕНТРАЛИЗИРАЈТЕ ГИ ПАРТИИТЕ за конечно да видиме вистински локални избори и да видиме благодет од сопствениот избор на локална власт. Имате доволно време до следните избори, кога веќе на овие го пропуштивте тоа. Така полесно ќе ја согледате потребата од децентрализација во државата?!? Дозволете локално да се бираат кандидатите, дозволете им време да направат програми, дозволете да размислат како би ја бранеле програмата ако бидат прашани, дозволете да не биде проформа напишаното, дозволете власта, позиција, опозиција и соодветните препукувања да бидат забранети теми.

Но и порака до локалните партијци: И ввие треба да се изборите за местото на регионите во централите на вашите партии. НАПРАВЕТЕ ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ ДА БИДАТ ЛОКАЛНИ!

Претходна вестНовковска за пописот: Од турско од сега немало вакво понижување на официјалната статистика
Следна вестЕУ пак ни кажа дека многу не сака и ќе ги исполни ветувањата