Џабе ти е скапа реконструкција на кејот кај ГТЦ ако пак не воведеш ред

Конечно градските власти се сетија на руинираниот кеј на Вардар во делот кај ГТЦ. Од наредниот месец градскиот кеј на потегот од хотелот „Холидеј ин“ па до зградата на „Телеком“ треба да доживее целосна реконструкција. Ќе се вадат плочките, клупите, жардињерите, канделабрите, киосците, па се до бројните тераси на рестораните.

Како што најавуваат надлежните, решено било да му дадат нов лик, но и да ги средат хаосот кој владее таму. Убаво – конечно прогледаа.

Нехигиена, искршена урбана опрема, диво паркирани возила, прометна улица со многу дупки која води до зградата на „Телеком“, големи бари кои се создваат по секој дожд, импровизирани тераси на кафеани… само се дел од грдата секојдневна глетка која ја гледаат граѓаните. А сето тоа – за што повеќе пати укажуваше и „Скопско ехо“ – само заради тоа што таму не се воспостави ред или тоа се прави на импровизиран начин.

Идејата овој простор да добие нов лик, да се постават новите плочки, 72 смарт клупи, жардинери, нови јавори… секако ќе донесе голема промена. Градските власти најавуваат дека подоцна ќе се реши дали таму ќе има и ресторански тераси, но не какви што се сега, а кои наликуваат на вистински големи објекти. Но, за жал, планот предвидува натамошнто останување на улицата по која и сега сообраќаат автомобилите.

Градските власти на чело со градоначалникот Петре Шилегов објаснија дека таа ќе остане бидејќи морало да се обезбеди пристап до објектот преку кејот. Претходно, познато е, минатиот состав на градската администрација со одлука на Советот на Град Скопје го ослободи Македонски Телеком од обврската да гради подземна сообраќајница.

-Мене ми е жал што мојот претходник дозволи на кејот да поминува улица. По реконструкцијата ние нема да направиме ништо друго освен што таа улица ќе служи само за технички сообраќај, за точно определен број возила и во точно определено време, а не како до сега кој како стигне да влезе и да паркира, изјави Шилегов.

А токму Шилегов пред три години вети дека улицата ќе биде затворена и ќе се воведе ред. „Ќе има шеталиште наместо автопат“ се тврдеше тогаш..

Значи, по улицата и натаму ќе поминуваат возилата. А разликата сега е само во тоа што новите градски власти ветуваат дека се ќе биде строго контролирано. Па зарем и до сега не можеше се да биде контролирано и да се спречеше кој посака да си вози и паркира во кејот? Таму владееше хаос и безредие при што актуелните градски власти никако не можеа да воспостават контрола. Оттаму, стравувањето е дека и по целосната реконструкција на кејот за што ќе се платат многу пари за 5-6 месеци да не се врати истиот сегашен хаос. Односно, се да се сведе на менувањето на плочките и клупите, а граѓаните пак да гледаат грди слики на овој градски простор.

Претходна вестДве возила удриле во автобус на ЈСП кај Шумарскиот факултет
Следна вестВМРО и СДСМ продолжуваат да се обвинуваат за пописот на населението