Во деновите кога добиваме ветувања дека нема да има загадување во Скопје, во деновите кога има фалби дека се направило многу за намалување на загадувањето, ете ти – почна посериозното загадување на воздухот. Почнаа ноќите со смог и смрдеа. Синоќа жителите на Аеродром, речиси секаде, а особено во Лисиче го чувствуваа чадот и загрижувачката миризба вообичаена за секоја зима.
Параметрите на присутни отровни честички се покачени и изутринава. Највисоки вредности на загаденост во Скопје има токму во Лисиче и Гази Баба.
Но аеро-загадувањето не е само видливо локално, иако актуелната власт која се бори и за втор мандат постојано уверува дека е намалено, туку и во последниот извештај за напредок на Македонија е јасно нагласено. Па така потенцирано е: „Македонија треба особено да ја подобри интерсекторската координација и да ги зголеми финансиските ресурси за намалување на аеро-загадувањето на локално и национално ниво, да направи значајни чекори во воспоставување на регионален систем за менаџирање со отпад, да го имплементира Парискиот договор, вклучително и да направи адаптација со Стратегијата и законите со рамката на ЕУ 2030“.
– Лимитиран прогрес е постигнат во областа на зачувување на природата и климатските промени. Како и да е, имплементацијата во сите сектори останува загрижувачко прашање. Земјата е охрабрувана да истапи амбициозно кон Зелената транзиција, особено во контекст на Зелената агенда за Западен Балкан. Повеќето од минатогодишните препораки не се имплементирани, се истакнува во Извештајот.
Локално, до овој момент не видовме јасна стратегија од ниту еден градоначалник во земјава за елиминирање на загадувањето и форсирање на зелените програми како начин на борба.