ДИК реагира на изјавите на политичките партии и владини функционери: Изложени сме на непримерени јавни политички притисоци и на закани

Изложени сме на неосновани и непримерени јавни политички притисоци и на закани за кривична одговорност поради донесените одлуки, соопштија денеска членовите на Државната изборна комисија. Во реакцијата на претседателот на ДИК, Александар Даштевски и на членовите Радица Ристеска, Оливер Ристовски, Борис Кондарко, Бобан Стојаноски и Абдуш Демири се наведува дека се особено загрижени за настаните кои во јавноста се продуцирани од изјави на политички партии и носители на високи владини функции, кои се однесуваат на работата на ДИК во врска со постапувањето по приговорите за парламентарните избори.

-Ве известуваме дека сме лично понижувани и навредувани, исто така како членови во највисоката институција за организирање и спроведување на изборите. Покрај тоа, а следејќи го контекстот и интензитетот на нападите, прозивките и навредите, исто така сме загрижени и дека е можно истите да преминат и во лични напади на нашата сигурност, се наведува во соопштението.

Се додава дека ДИК во целост професионално, транспаретно и само врз основа на закон ги спроведе изборите што е потврдено од сите домашни и меѓународни фактори.

-И покрај сите непријатности кои ги имаме, сепак со највисок степен на интегритет врз основа на јавна проверка на изборниот материјал ДИК ги утврди фактите и одлучуваше по приговори поднесени од различни учесници за 110 избирачки места, од кои врз основа на образложени докази усвои приговори за само 7 избирачки места за кои имаше правен основ, додека сите останати 103 избирачки места, беа одбиени како неосновани и за нив немаше поднесено тужби ниту еден учесник на изборите. Според тоа за ДИК се неприфатливи и недопуштени нападите, притисоците и мешањето на одредени политички партии и на поединци од техничката Влада во изборните процедури, како и во работата и одлучувањето на ДИК и на Управниот суд, соопштија од ДИК.

Претходна вестПалевски бара адвокат, наскоро ќе биде викнат на сослушување
Следна вестРамиз Мерко доби уште две обвиненија