Димитар Влахов силно делувал и во комитско и во партизанско време: 70 години од смртта на македонскиот револуционер

Македонски херој за кој денеска ќе си припомниме е Димитар Влахов. Тоа во македонската историја има оставено неизбришливи траги. Револуционер, општествено-политички деец, државник, професор и публицист. Денес го споменуваме оти починал на денешен ден во 1953 година.

Влахов е роден на 8 ноември 1878 година во Кукуш, во револуционерно семејство. Се образува во родниот град, потоа во Солун, а студира хемија на повеќе универзитети во Германија и Швајцарија и се движи претежно во социјалистичките кругови. Во Женева, тој воспоставува контакти со Македонскиот таен револуционерен комитет.

За време на Илинденското востание тој се враќа во Македонија, а потоа во текот на 1903/4 година во Солун се вклучува во македонското национално-ослободително движење. Во текот на 1904 година кратко време е член на ЦК на ТМОРО и раководител на Организацијата во Солун. Во летото 1904 година, Влахов е уапсен заради револуционерна дејност и останува во затвор до 1905 година. Во револуционерната активност на Влахов, бугарската Егзархијата гледа закана за бугарските цели во Македонија. По Младотурската револуција во есента 1908 година, Влахов е еден од основачите и раководителите на Народна Федеративна Партија и бил избран за пратеник во Отоманскиот парламент (1909–1912). Потоа живеел и делувал и во Одеса, во Варна, Киев, Виена…

Во 1920 година, Димитар Влахов е во Виена каде е еден од авторите на виенските документи за обединување на македонското револуционерно движење. Се вклучува и во формирањето на ВМРО (Обединета) врз основа на Мајскиот манифест. Во 1925 година, Влахов и група лево ориентирани македонски револуционери од сите краишта на поделена Македонија во Виена ја формираат ВМРО (Обединета).

Во 1933 година, Балканскиот секретаријат на Коминтерната го разгледува македонското прашање кое го поставуваат членовите на ВМРО (Об). Со помош на Влахов била изготвена Резолуција на Коминтерната од 1934 година за македонското прашање, која била одобрена од Политичкиот секретаријат на Коминтерната на 11 јануари 1934 година, а усвоена од Извршниот комитет на Коминтерната во февруари истата година. Одлуката на Коминтерната ја пренесува весникот „Македонско дело“ во април 1934 година.

-Македонското движење не е ниту бугарско, нити грчко, нити српско. Македонија е земја што заслужува да биде една одделна единка, чиј народ е посебен народ во смисла на тие на соседните балкански земји, тој има своја историја, своја култура, своја непрекината во текот на десетици години револуционерна дејност за ослободување и тој народ има свој голем придонес во делото на општословенската култура, пишуваше тој во своите дела.

Тоа ги предизвикува антимакедонските сили кои во овој период имаат повеќе неуспешни обиди за ликвидација на Влахов, а во 1936 година бугарскиот суд му суди во отсуство и го казнува со 12 години и 6 месеци затвор. По ваквиот прогон, Влахов заминува во Москва, каде од 1936 година работи во Меѓународниот аграрен институт, а подоцна и во Институтот за историја на АН на СССР се до 1944 година. По нападот на Германија врз СССР во јуни 1941 година, на 10-11 август 1941 година учествува во работата на Сесловенскиот конгрес како претставник на македонскиот народ.

На Второто заседание на АВНОЈ на 29 ноември 1943 година во отсуство е избран за член на неговото Претседателство. Избран е и за делегат на Првото заседание на АСНОМ на кое се удрени темелите на македонската државност. Во ноември 1944 се враќа во штотуку ослободеното Скопје, а на 26 ноември, на Првата конференција на Народноослободителниот фронт на Македонија, тој е избран за негов претседател.

Влахов е избран и за потпретседател на Президиумот на Сојузното собрание на ФНРЈ, а во 1946 година е член на југословенската делегација на Париската мировна конференција. Починува на дeнешен ден пред точно 70 години.

Претходна вестДенес е Благовец, празник на Пресвета Богородица и на радосната вест
Следна вест140 санкционирани возачи во Скопје, секој трет возел пребрзо