Православните христијани во Македонија денеска го слават големиот празник Свето Благовештение – Благовец, кој секогаш се паѓа на истиот датум, на 7 април според новиот календар, а според стариот на 25 март.
Меѓу народот, овој празник е познат и како Благоец или Блошчојне. Се смета за тежок празник, затоа што според адетите, на овој ден не треба ништо да се работи. Некои дури го сметаат за голем празник како Велигден поради што се вели: „Благовец, прв ден Велигден“. Тогаш се оди на именден кај оние што имаат име Благоја, Блаже, Благојка, Благица итн.
Свето Благовештение е празник на Пресвета Богородица, но некои го сметаат и за празник Господов.
Празникот Благовештение на Богородица е воедно и Господов и Богородичен празник. Господов е бидејќи се однесува на Христа Господа, Којшто беше зачнат во утробата на Богорица, а Богородичен е бидејќи се однесува на онаа личност којашто придонесе за зачнувањето и вочовечувањето на Логосот Божји, т.е. се однесува на Пресвета Богородица“. Учењето за Богородица и учењето за Исус се неразделно поврзани зашто „кога зборуваме за Христа, не можеме да ја превидиме таа што Му даде тело, а кога зборуваме за Богородица, истовремено се осврнуваме и на Христа, зашто таа од Него црпи благодат и значаење“.
Повеќе аспекти од чинот на Благовештението заслужуваат посебно внимание. Пред сè тоа единството на природното и натприродното во тој чин. „Тоа покажува дека зачнувањето и носењето во утробата, но и раѓањето Христово, се случија природно и натприродно. Натаприродно затоа што се случи творечки од Пресветиот Дух, а не со семе. Природно, затоа што носењето во утробата беше исто на начинот на којшто се носи младенец во утробата“.
Светото предание раскажува дека еднаш кога покрај прозорецот Света Дева Марија го читала Светото писмо, во книгата на пророк Исаија прочитала дека „Девица ќе зачне и ќе роди син и ќе му го дадат името Емануел“, возбудена помислила дека кога би знаела која е таа девојка би ѝ служела до крајот на животот. Во тој момент до неа долетал Архангел Гаврил кој ѝ соопштил дека таа е девојката одредена од Бога што ќе го роди Спасителот. „Радувај се благодетна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените.“ А кога Света Дева Марија помислила: „Каков ќе биде овој поздрав?“, ангелот ѝ рекол: „Не бој се Марија, зашто си нашла милост пред Бога; и ете ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш син и ќе го крстиш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече син на Севишниот и ќе му го даде Господ Бог престолот од неговиот татко Давида и ќе царува над домот Јаковов секогаш и царството негово нема да има крај.“ На тоа Марија зачудено прашала: „Како ќе биде тоа кога јас не знам за маж?“ на што ангелот ѝ одговорил: „Светиот дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече син Божји“. (Лука 1/27-35).
Во чест на таа блага вест што ангелот ѝ ја пренесол на Света Дева Марија црквата го востановила празникот Свето Благовештение или Благовест што се празнува точно девет месеци пред Божик. Но нема попрецизни податоци од кога се празнува овој празник. Се знае сигурно дека се празнувал во 7 век, но некои сведоштва укажуваат дека тој се празнувал и неколку векови порано. Така на пр. постои податок дека во Назарет постоела црква во спомен на Благовест што ја подигнала царицата Елена на местото каде што се случил настанот Свето Благовештение. Има и друго сведоштво дека во Назарет точно на местото на кое Архангел Гаврил ѝ ја пренел на Богородица радосната вест била подигната црква во спомен на тој настан.
Како голем црковен празник празникот Свето Благовештение нашол значајно место и во народниот живот. Според народните верувања овој ден е благ, па и раната не боли, па затоа на малите деца токму на овој ден им ги дупат ушите за обетки. Со Благовец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници, штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот, славејот и др. Се верува дека тие ќе дојдат на овој ден дури и да врне снег. Исто така се верува дека оние кои сакаат да имаат деца треба да појдат во црквите и во манастирите, и да се помолат на иконите посветени на Благовештение и да се помолат.





