Ковачевски и лани го најави закон за плати, ама…

96

Драстично зголемените плати на македонските функционери почнаа да се исплатуваат. На законот тоа да не биде така се работело. Ваква е сегашната ситуација откако уставните судии решија дека државните функционери имаат право да си ги зголемат личните примања за прилично многу проценти.

Први се опарија пратениците – на нивните сметки веќе легнале по околу 16.000 денари како зголемување пресметано за осум дена, колку што поминале од 21 март кога судиите оценија дека се работи за неуставни одредби. Сега се слуша дека ќе се бара зголемувањето да ја опфати целата плата…

Со оглед на тоа дека ова е период од месецот кога се исплаќаат плати, јасно е дека Буџетот ќе биде дополнително оптоварен, бидејќи се уште, и покрај најавите, нема конкретна мерка од страна на Владата за корекција на коефициентите.

Премиерот Димитар Ковачевски и вчера повтори дека одлуката на уставните судии мора да се почитува, но дека тоа и не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица.

-Иако основицата за пресметувања плата согласно одлуката се зголемува, Владата работи на изработка на нов закон за плати во кој ќе се стави конзистентност во исплатата на плати за сите функционери во државата, бидејќи и денес постои неконзистентност во исплатата на плати на фунцкинерите. Има акционерски друштва во државна сопственост, регулаторни тела, има разни агенции кои пресметуваат плата согласно друга методологија и чии плати на директори, на членови на УО се неколкукратно поголеми од платата на пример пратеник во Собрание, рече вчера Ковачевски

Но, кога ќе биде готов предлогот на законското решение не кажа. Проблемот е во тоа што речиси иста ваква изјава премиерот Ковачевски имаше и пред година дена.

-Има јавни претпријатија во кои членови на управен одбор имаат поголеми плати од претседателот на државата. Во наредните шест месеци ќе се работи на изработка на нов Закон за плати, затоа што постои неконзистентност во платите. Имаме јавни претпријатија во коишто членови на управен одбор имаат поголеми плати од претседател на држава и 20-30 години никој тоа не го погледнал, изјави Ковачевски, одговарајќи на пратеничко прашање во рамки на собраниска 70. Седница во април минатата година.

Значи, по дванаесет месеци од отворањето на оваа тема, состојбата е пак на почеток – „се работи“ на предлогот но конечната верзија е се уште далеку. Со таа разлика што доцнењето сега ќе се плаќа и скапо со новото зголемување. 

Законот за плати некој како да сака да го замати, а во меѓувреме државната каса се осакати. Но и некои џебови се побогати.

Претходна вестСДСМ: Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ со нула проекти, затоа за Ќосето се фатија
Следна вестНовинарот Димитровски ја праша вештачката интелигенција, дали Александар Велики е Грк или Македонец, доби одговор дека е Македонец