Мајката на 5-годишната Јана: Никој не нè известува, од телевизија дознаваме за извештаите

Родителите на петгодишната Јана која почина во битолската Клиничка болница откога прими инфузија, сè уште ги чекаат резултатите од обдукцијата. Мајката изјава за Макфакс вели дека институциите веќе престанале да ги известуваат и дека за сите извештаи дознаваат од телевизија.

– Ниту некој се јави да ни каже за резултатите од обдукцијата ниту пак нè побара за кој било извештај. Сè дознаваме од телевизија. Слушнавме дека можеби следната недела ќе биде готов извештајот од обдукцијата и немаме што друго да правиме освен да чекаме. Ова издолжување само ни остава сомнеж дека чекаат да спласне работата и да се совпаднат со другите извештаи, вели мајката Кристина Христовска.

Петгодишната Јана почина пред две недели, период во кој со извештаи излегоа Државниот санитарен и здравствен инспекторат од каде утврдија дека немало пропусти во лекувањето, а подоцна извештај изготви и стручна комисија формирана од министерот за здравство која потврди дека била соодветно третирана. И покрај ваквите извештаи родителите на Јана велат дека не изгубиле верба во институциите додека го чекаат наодот од обдукцијата.

– Јас бев таму, мене извештај не ми треба. Инфузијата ѝ ја влоши состојбата на Јана, вели мајката Кристина.

Министерот за здравство Фатмир Меџити денес, на одбележувањето на Светскиот ден на здравјето, кажа дека ги посетил родителите, а најави дека ќе ја посети и битолската болница.

– Како родител, како човек, бев, зборував со фамилијата, и за тоа не дадов никаква изјава или ги известив медиумите. За посета на болницата ние имаме стратегија, имаме агенда и во најскоро време ќе биде посетена. Ние сме лекари и точно знаеме што е итност, што е ургенција, барем кај нас сите работи така се одвиваат, секогаш се под итност. Но, знаете, јас сум еден месец, ќе се потрудиме да ги решиме сите проблематики, рече министерот Меџити.

Извештајот од обдукцијата на Јана го чека и битолското Обвинителство од каде веќе извршиле распит на лица за кои сметаат дека имале сознанија за случајот.

Претходна вестЗастаре уште едно дело на Сашо Mијалков
Следна вестЛевица: ДУИ предлага закон за даночни ослободувања на „Бихтел и Енка“ на штета на граѓаните