Димитриевски: Ароганцијата на оние кои дозволија отварање на бугарски клубови во Македонија е ненадминлива

Истите тие коишто дозволија да се отвараат бугарски клубови кои го содржат името Ванчо Михајлов во текот на нивниот мандат и ја згазија не само социјалдемократијата, туку и илинденските и асномските левичарски вредности и принципи, не обвинија дека сме човек партија, изјави денеска претседателот на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски. Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска по повод празникот на трудот Први Мај организираше пикник во Пелинце при што Димитриевски реагира на вчерашното соопштение на СДСМ.

-Нивната ароганција е ненадминлива. Ова раководство на СДСМ, со овој арогантен пристап ја доведе партијата до историски најслабиот резултат. Не само што ја навредија ЗНАМ, лично мене, навредија и уште 84 илјади граѓани кои го дадоа својот глас за движењето ЗНАМ-ЗА наша Македонија. Ниското ниво на комуникација нема да го прифатиме. Но, како и да е, ние позитивно продолжуваме понатаму и чест ми е што денеска токму овде традиционално во Меморијалниот центар Пелинце- АСНОМ, каде што се удрени темелите на современата македонска држава, гледам голем број на мои поранешни соборци и сопартијци, коишто ни се придружија на овој настан во организација на Движење ЗНАМ – За наша Македонија и нивниот број секојдневно расте.

За разлика од раководството на СДСМ, тие ја прифатија подадената рака. Нашата цел е да продолжиме да ги обединуваме граѓаните и ние ќе работиме исклучиво во интерес на Македонија, државните и националните интереси, порача Димитриевски.

 

Претходна вестПрегазена и тешко повредена малолетничка на велоспиед во Прилеп
Следна вестСо автомобил удрил во пешак, тешко повреден кривопаланчанец