Димитров си го чувал здравјето, а Милошоски смета дека е размазен министер

Министерот Димитров вчера го изигнорира Собранието и не отиде на комисиска седница каде го чекаа пратеници. За тоа, тој, има објаснување.

-Во услови кога деновите ми се важни, и треба да бидам негативен за да си ја работам работата, немам намера да си го загрозувам моето и здравјето на другите. Толку околу “шокираноста” што не сум се појавил., е објаснувањето од вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров за недоаѓањето на седницата на собраниската Комисија за надворешни работи.

Комисијата на чие чело е пратеникот Антонио Милошоски, познато е, требаше да расправа за единствената точка на дневниот ред: „Утврдување на национален став во врска со позициите на официјална Софија по однос на македонските ЕУ-интеграции, засновани на Објаснувачкиот Меморандум усвоен од страна на Република Бугарија“. Но, заради недоаѓањето на пратениците од владината коалиција седницата се одложи. Освен Димитров на неа беше поканет и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Димитров во објавата на Фејсбук напиша дека не дошол затоа што немал намера да го загрозува своето и здравјето на другите.

На два ума бев дали воопшто вреди да објаснувам, но вистината е над сè. И покрај тоа што поканата од претседателот на Комисијата за надворешна политика на Собранието ја добив буквално од вчера за денес, мојот кабинет веднаш стапи во контакт и посочи дека би сакал да учествувам во дебатата во било кој формат, но дигитално, со оглед на Ковид 19. Ни одговорија дека немаат таква можност по Деловникот. Им укажавме дека може да биде и неформална седница или конференција. Па разбравме дека наводно немале технички можности (за таква работа, замислете, треба компјутер, објави Димитров на Фејсбук.

На ова денеска реагираше Антонио Милошоски кој во објавата на Фејсбук му порача на Димитров дека е „размезен министер и дека е лицемерно да се каже дека не сакал да го загрозува своето здравје, за да си ја работи работата?!“.

 Колку лицемерно, кога се знае дека дел од неговата висока министерска плата, со личен шофер и службено возило ја зема за да работи, меѓу другото, и за давање отчет и пред пратениците, со присуство во Собранието. Додека илјадници медицински сестри си ја работат својата работа, изложени на ризик од кој се штитат, и така ја заработуваат својата скромна плата, размазениот министер ги потценува со оправдание дека не сакал да дојде да одговори на две прашања во Собранието. Срамота! Додека илјадници касиерки во самопослуги, новинари, аптекари, келнери, заболекари и службеници се присутни на работа, изложени на ризик од кој се штитат, и така ја заработуваат својата плата, министерот кој зема пет пати повисока плата од нив, не можел да дојде до Собрание на еден час и да им објасни на пратениците што преговарал со Бугарија?!, напиша Милошоски.

Тој додаде дека заменикот министер за финансии може 5 дена да седи со пратениците во Собранието.

-Тој го брани ребалансот на буџетот од кој ќерката на размазениот министер зема висока стипендија од 40.000 евра годишно, овој нежниот и своите колеги министри ги понижува со изговорот дека не сакал да дојде во Собрание да не се заразел. Но, порано или покасно, сите министри ќе дојдат во Собрание, па и најразмазениот, потенцира Милошоски.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Филипче се справуваше со заразата само со статистички прес конференции
Следна вестЧетири члена на Државната изборна комисија под истрага за јавни набавки