ЕУ со години ни дава „датум“, од друга страна некои од нашите политичари со години го прославуваат добивањето на датум. А всушност датумот никако да дојде.
Сега, по толку промашувања, вицепремиерот Никола Димитров ја смени плочата, не шири оптимизам и не прославува нешто што не е добиено.
Подобро да не очекуваме добар исход за да не се разочараме, порача синоќа тој врзано за очекувањата дека во текот на овој месец би можела да се случи деблокада на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, на состанок на Советот за општи работи на ЕК.
–Одговорно е од нашата страна да упатиме апел до граѓаните дека е подобро да бидеме изненадени од добар исход, отколку пак да бидеме разочарани од лош исход. Имаме само неколку дена до Советот за општи работи, до ГАК, 14 декември, мислам дека е крајно неодговорно било какви очекувања да создаваме тогаш, рече тој во разговор за ТВ Клан Македонија.
Димитров дури и додаде дека веќе не треба да се врзуваме за датуми.
– Не смееме, после целото искуство што го имаме да се врзуваме за датуми, рече вицепремиерот.
Дали по ова македонските владини претставници ќе престанат да спомнуваат датуми за почеток на пристапните преговори? Па тоа им беше главната мантра. Во изминатиов период токму тие – од премиерот па преку министрите – беа главни промотори на определувањето на можни датуми за старотот на преговорите. Но, по тоа, редовно се случуваа разочарувањата во јавноста. Токму вицепремиерот Димитров беше еден од оние кои во друштвото на премиерот Зоран Заев се сликаа во авионот при што со кренати палци го прославуваа „добивањето на датумот за почетокт на преговорите“ на 26 јуни 2018 година.
-Во авион штотуку примив одлична вест… Република Македонија доби датум за старт на преговори за членство во ЕУ!, се фалеше Заев од авион.
И министерот Димитров не заостануваше. Тој на 24 март минатата година рече дека до добивањето на датумот за преговори со ЕУ биле донесени храбри политички одлуки.
-Советот за општи работи на нивно на министри на ЕУ денес даде политичка согласност за заклучоците, кои се многу позитивни и охрабрувачки за нас. РСМ по 15 години во чекалницата на ЕУ и по разочарувањата во јуни 2018 и јуни 2019 и во октомври истата година, конечно, го поминува прагот и ќе може да ја почне следната фаза на својот европски пат, нагласи Димитров.
Но, сега вицепремиерот реши да се однесува поскромничко, прагот не е поминат, ниту сме блиску до вратата – освен во ветувањата…