Димо Хаџи Димов пишуваше дека бугарските интереси се противни на интересите на македонскиот народ, се бореше за Македонија на Македонците

Само на бугарските влади и буржоазијата им е доволно да бараат присоединување на Македонија, зашто тоа го бараат нивните интереси, но тие интереси се противни на интересите на македонскиот народ    … Вака, во првите години на 20-тиот век, на страниците на „Револуционерниот лист“ пишуваше Димо Хаџи Димов, една најпознатите идеолози и теоретичари на автентичното македонско национално-ослободително движење. И не само тоа. Во ова дело Хаџи Димов наведува и тоа дека „ Со притисок и заплашување бугарската официјлна политика се мачи да го парализира во македонскиот народ неговиот инстинкт за самозапазување, да го задуши и умртви никулецот на оние идеи што би го спасиле од непријателската поделба…“, Но пишува и тоа дека „Македонија не ќе се ослободи со дипломатски средства, преку надворешна интервенција, ами преку револуција и по пат на самоослободување…“, како и тоа дека “Против целта на Организацијата, автономна Македонија и нејзиниот лозунг: Македонија на Македонците, врховистите и противставуваа некаква автономна Македонија со прикриен лозунг: Македонија за Бугарија…“.

Сето тоа се недвосмислени ставов кои најдобро покажуваат каков однос Димо Хаџи Димов го имал кон македонското национално движење. А нему му го посветил целиот свој живот, кој прерано заврши во негова 49-та година откако на денешен 12 септември 1924 година беше убиен во Софија од страна на Владо Черноземски. Така завршил животниот пат на еден од најборбените и најсестраните членови во македонското ослободително движење, близок соработник на Гоце Делчев, на Јане Сандански и на други истакнати македонски револуционери.

Роден  на 19 февруари 1875 во село Горно Броди, серско, во Егејска Македонија тој своето почетно образование го добива во Дупница и Ќустендил, Бугарија. Во редовите на ТМОРО се вклучува во 1896 година. Се спријателува со Јане Сандански за кого, според кажувањето на Иван Харизанов, Димо Хаџи Димов претставува духовен учител, „кој како брат се грижеше за него“. Од 1901 година Хаџи Димов се вклучува поактивно во македонското ослободително движење. Во договор со Гоце Делчев, тој во јануари 1903 година заминува со четата на Борис Сарафов за Македонија. По неколку месеци, на 3 мај пристига во селото Баница за да се сретне со Делчев. Следниот ден турската војска го напаѓа селото и во Битката загинува Делчев. Хаџи Димов успева да се извлече и кон крајот на мај се враќа во Дупница.

По Илинденското востание заедно со Јане Сандански и Ѓорче Петров застанува против врховистите. Се профилира како истакнат претставник на Серската група и на реформската струја во ВМОРО. Тој е еден од авторите на Директивата за идната дејност на Организацијата. Учествува во организацијата и уредувањето на органот на ВМОРО „Револуционерен лист“ од јуни 1905 година. На Рилскиот конгрес е избран и за уредник на овој весник.

Во 1908, во времето на Младотурската револуција, Хаџи Димов заминува за Солун и е еден од иницијаторите за создавање на Народната федеративна партија. Една од целите на оваа партија е Македонија да се оформи како одделна самоуправна единица т.е. турската империја да се реформира како источна федерација и наместо вилаетите од националните провинции да се формираат самоуправни области како: Македонија, Албанија, Ерменија. Го уредува и весникот „Конституциона зора“. Во Солун останува до јануари 1909 година, кога се враќа во Софија и се вработува во Министерството за земјоделство.

По Првата светска војна Хаџи Димов заедно со Ѓорче Петров и соработниците на Јане Сандански се организираат во борба за извојување на автономна и обединета македонска држава. Во ноември 1918 година оваа група излегува со Декларација во која ги изложуваат своите погледи околу Македонија, а потоа Хаџи Димов погледите изложени во Декларацијата ги доразвива во својата брошура „Назад кон автономија“. На 9 март 1919 година е објавен Апел до македонското население и емиграцијата во Бугарија. Хаџи Димов е еден од 19-те потписници на Апелот и влегува во шестчленото Привремено претставништво на поранешната Внатрешна организација што е формирано на состанокот на кој е усвоен Апелот. По неповолните резултати од Версајскиот договор, активноста на Привременото претставништво опаѓа. Бугарската комунистичка партија преку Хаџи Димов се обидува да го подведе Претставништвото под свое влијание, но не успева во намерата поради противењето на останатите членови и пред сѐ на Ѓорче Петров. Соочено со ваква ситуација, кон крајот на 1919 година Претставништвото се самораспушта.

Од крајот на 1919 година Хаџи Димов се вклучува во активностите на Бугарската комунистичка партија околу емигрантите во Бугарија. Станува секретар на тогаш формираната Централна емигрантска комисија и уредник на „Ослободување“. Во 1921 година партијата решава да го создаде Емигрантскиот комунистички сојуз, во кој Хаџи Димов продолжува да игра важна улога. Како партиец, тој го популаризира делото на Советскиот Сојуз и ја поздравува победата на Октомвриската револуција, ја разобличува бугарската реакција и ги шири социјалистичките идеи. „Советска Русија допрва има да игра улога на Балканот и Европа, од која улога победените и поробените народи можат да очекуваат само заштита, само помош, само ослободување.“ По задушувањето на Септемвриското востание, поголем дел од раководството на Бугарската комунистичка партија е затворено или емигрира од Бугарија. Во такви услови е избрано ново привремено раководство на партијата, при што Хаџи Димов е избран во Контролната комисија. Станува и комунистички пратеник во бугарското Народно собрание. Во мај 1924 година влегува и во Централниот комитет на партијата.

Сите овие активности на Димо Хаџи Димов ќе го доведат во судир со бугарската власт и со автономистичката ВМРО. Заканите кон него стануваат сѐ почести. По убиството на Тодор Александров десницата на македонското движење се одлучува многукратно да се одмазди. На состанокот со левицата што е закажан за 12 септември 1924 година во Горна Џумаја настанува колеж на многумина истакнати левичари. На оваа средба требало да дојде и Хаџи Димов, но тој сепак не дошол. Но тоа не му помага да го избегне убиството. Веќе следниот ден, попладнето, Хаџи Димов е убиен од страна на Владо Черноземски на улиците на Софија. Закопан е на софиските гробишта и, согласно неговото атеистичко уверување, без верски обреди.

Претходна вестГруевски демантира: Немам никаква врска со Данела Арсовска и Драги Митковски  
Следна вестМилевски по победата над Малта: Задоволен сум од новиот лик на Македонија, сакаме да се доближиме до големите!