Директорката на Управата за јавни приходи Соња Лукаревска е позитивна, а повеќемина државни и општински функционери почнаа со 14-дневна домашна самоизолација заради корона вирусот.
Викендов и пратеникот на СДСМ Мухамед Зекири соопшти дека тој и неговото семејство за заболени од Ковид-19.
Директорката Лукаревска на социјалната мрежа Фејсбук објави дека се тестирала откако Зекири соопштил дека е позитивен, а таа претходно имала работни состаноци со него.
-Немам никакви симптоми и веќе сум во домашна самоизолација. Не можам да бидам сигурна на каков начин сум го добила вирусот, но сите контакти кои ги имав последниве денови беа со целосно почитување на мерките за заштита, со маска, на дистанца и со редовна дезинфекција. Ќе ги следам насоките на епидемилозите во целост и очекувам повеќе информации од нивна страна, согласно анкетата која треба да ми биде направена, напиша Лукаревска.
Претходно, и вицепремиерка Мила Царовска, но и министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски, советник на премиерот Марјан Забрчанец и директорот на финансиска полиција Арафат Муареми соопштија дека ќе одат во самоизолација. Тие во четвртокот присуствувале на состанокот на кој бил и Мухамед Зекири.
-Во текот на минатата недела имавме заеднички состанок на кој сите бевме со заштитна опрема и на препорачаната дистанца. Сепак, согласно епидемиолошката анкета задолжително ќе останам во самоизолација до 9 јуни. Во текот вчерашниот ден направив и тест кој е негативен. Засега немам никакви симптоми и се чуствувам добро. Сите мои работни обврски продолжувам да ги извршувам непречено од дома, напиша Царовска на Фејсбук.
Објава дека е во самоизолација направи и градоначалникот на Чаир Висар Ганиу заради тоа што имал контакт со заболен од коронавирус.
Тој упати апел сите да се придржуваат до мерките.
-Драги граѓани, уште еднаш ќе ја искористам оваа прилика да ви апелирам за внимавање, придржување на предвидените мерки и сериозно третирање на оваа тематика и предизвик, бидејќи состојбата не изгледа воопшто добра и секогаш постои можност да стапи кон по лошо, напиша Ганиу.