Директорот на битолската болница Обединковски се повлекува од „морални причини“

Оставка од позицијата директор на битолската болница „Др. Трифун Пановски“ денеска ќе поднесе директорот Александар Обединковски. Причина за повлекувањето од функцијата е моралната одговорност по двата случаи во кои починаа шестгодишно девојче и новороденче. Обединковски ова го потврди за повеќе медиуми.

Во болницата за помалку од еден месец во битолската болница прво почина шестгодишната Јана Христовска, а потоа и новороденчето два часа откако било родено во болницата.

Починувањето на новороденчето само се надоврза на смртта на шестгодишната Јана за која родителите ја обвинуваат болницата. Се уште се чека на обукцискиот извештај кој треба да ги покаже причините за смртта на Јана, која почина на 22 март откако прими инфузија во битолската болница.

Министерот за здравство Фатмир Меџити вчера ја посети битолската болница и најави дека денеска во болницата ќе биде испратен тим од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) за да изврши инспекциски надзор.

Ова ќе биде вторпат за дваесетина дена како инспектори на ДСЗИ ќе вршат надзор во битолската болница по трагичен случај, откако кон крајот на март беше извршен вонреден надзор по смртта на шестгодишната Јана. Но, тогаш не се најдоа недостатоци во лекарското постапување во случајот со починатото девојче во битолската болница.

Претходна вестОблачно со слаб дожд и засилен ветер
Следна вестНиколоски: Владата се согласила на милионски пенали кон „Бехтел и Енка“ ако не се обезбеди поголема работна недела