Покрената дисиплинска одговорност за четворица полициски службеници од ПО Кривогаштани кои постапиле спротивно на Законот и подзаконските акти, објави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднесе предлог за утврдување дисциплинска одговорност, против лицата Б.Б., Г.А., С.С. и Д.Т. – вработени во МВР на работно место полицаец во ПО Кривогоштани.
-Постапувајќи по претходна пријава на сопственик на угостителски објект на територијата на општина Кривогаштани, во која се вели дека во неговиот објект седат лица кои поседуваат огнено оружје – за што биле објавени снимки и на социјалните мрежи, претходно споменатите полициските службеници не извршиле одземање на оружје, претрес и легитимирање на лицата, објави Тошковски на својот профил на Фејсбук.
Од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, беа извршени сите неопходни проверки и притоа беше утврдено дека со непреземањето на потребните мерки полициските службеници постапиле спротивно на Законот за полиција и со тоа извршиле потешко кршење на работниот ред и дисциплина.