Длабок наклон за делото на големиот Даме Груев – пред 117 години херојски загина за слободата на Македонија

Македонија има неколку великани кои посебно се двојат оти многу направиле за нејзината слобода и за слободата на Македонците. Еден од најистакнатите такви македонски дејци е Даме Груев. Го споменуваме и славиме и му се поклонуваме денеска оти на  на денешен ден ( 23-ти декември, пред 117 години) Даме Груев херојски загинува бранејќи ја Македонија.

Со неколку свои соборци – комити тој ден се нашол во беровското село Русиново. Илинденското востание веќе пред три години било задушено, но тој ја продолжува борбата за слободна Македонија. Ги напаѓаат турските војници по што македонските комити се повлекуваат до блискиот врв Петлец, во месноста Валмето. Тука се отворила жестока борба и веќе ранетиот Даме загинува херојски.

Тој ден македонското револуционерно движење ја доживува своја најголема загуба по онаа случена во мај 1903 година со убиството на Гоце Делчев. Загинува и вториот колос во плејадата на македонски револуционери и дејци – Дамјан Јованов Груев, односно, Даме Груев. Еден од оние кои во тој период биле револуционери со душа и со срце, до крај верен на идејата од која се водеше, за која се бореше и за која загина – ослободување на македонскиот народ.

Даме беше столбот на кој се потпираше народноослободителното движење, посебно Внатрешната македонска револуционерна организација. Тој беше инспиратор и организатор на народноослободителната борба во тој период, посебно на Илинденското востание во 1903 година и со што тој до зазема круцијално место во историјата на македонското револуционерно ослободително движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век.

Тој е целосно вграден во историјата на Македонската револуционерна организација (МРО), која се стремела за создавање македонска држава, нејзин основоположник и најекспониран организатор и раководител. Колку тоа успешно го правел Даме Груев покажува и фактот што само за десет години, од 1893 до 1903 година Македонска револуционерна организација израснала во масовна организација со јасна политичка програма и цел, со изграден систем на комуникации, со сопствени боеви сили, судство, задгранично претставништво…

Во многубројната историска литература може да се прочита дека Даме Груев потекнува од битолското село Смилево, каде е роден на 19 јануари 1871 година. Се школувал во Белград и во Софија, каде што студирал историја на Високата школа. Во солунската егзархиска гимназија „Св. Кирил и Методиј“ (1887/1888) учествувал во големиот бунт на учениците во борба против бугарската пропаганда во Македонија, со барање за воведување на македонскиот народен говор во настава, а во Гимназијата во Белград во бунтот против српската пропаганда. На Универзитетот во Софија го формирал Македонското студентско друштво, кое имало цел ослободување на Македонија од османлиската власт.

Потоа, во 1893 година заедно со Петар Поп Арсов и со Иван Хаџи Николов формирал македонска револуционерна група во која влегле: Андон Димитров, Христо Батанџиев и д-р Христо Татарчев, група која ги поставила основите на Македонската револуционерна организација (МРО) и со тоа трајно влегла во македонската историја. Даме бил иницијаторот за таа основачка средба во Солун, а на конститутивниот состанок на 7 јануари 1894 година станал и прв секретар на Централниот Комитет.

Одамна свесен дека без културна слобода и издигнување нема ни национално ослободување, од Солун во 1894 година заминал во Штип како главен учител во трикласно училиште. Тука за првпат се сретнал со Гоце Делчев (учител во штипското Ново Село) и Туше Делииванов. Како учител, близок до народните маси, заедно со неговите истомисленици, работел на организирање на населението за остварување на долгоочекуваниот сон при што во летото 1894 започнал да ги формира првите ревулуционерни комитети.

По разговорите во Софија со раководството на Врховниот комитет на македонската емигрантска организација во Бугарија и во Цариград со егзархот во 1895 година се уверил дека Македонската револуционерна организација не само што неможела да смета на поддршка туку и претстоело жестоко конфронтирање. Од основањето на тајната македонска револуционерна организација и првиот Централен комитет, цели шест години Груев неуморно ја обиколува Македонија и го организира населението примајќи нови приврзеници, според прописите на Уставот…

Османлиските власти го протерале во Битола (1898), каде што бил уапсен (август 1900) во врска со Попставревата афера и бил осуден на 10 години затвор. Од затворот во Битола одржувал врски, давал инструкции и ја раководел месната организација. Бил префрлен од Битола (мај 1902) во затворот во Подрум-Кале во Мала Азија, каде што бил заедно со Христо Татарчев и Христо Матов. Алберт Сониксен, американски новинар и публицист, запишал дека Даме Груев додека бил на заточение во Мала Азија оттаму „ја администрираше Подземната република“. Во затворот останал 10 месеци (до март 1903). По амнестирањето се вратил во Македонија (во Смилево), а потоа заминал во Солун, каде што имал неколкудневна средба со Гоце Делчев, по прашањето за кревање востание.

Груев ја прифатил одлуката за востанието како завршена работа и бил решен самиот да ја преземе фаталната одговорност. Оттука неговата изрека: „Доста е, подобро ужасен крај, отколку ужас без крај!“ и отпатувал за Битола, на пат за Смилево. Во почетокот на мај претседавал со Смилевскиот конгрес. Тогаш бил избран Главниот штаб за Вториот битолски револуционерен округ во состав: Дамјан Груев, Анастас Лозанчев и Борис Сарафов.

 

На 2 август 1903 година било кренато Илинденското востание. Груев го доживеал мигот на историскиот чин, но и ужасите на страдањата на својот народ решен по секоја цена да се бори и да се избори за слобода и за своја држава. По востанието, Груев останал во Битолско со народот за да работи на консолидирање на револуционерната организација. Учествувал на подвижниот Прилепски конгрес (мај 1904 год.), каде што се залагал за централизирана организација како тајна држава во османлиската држава, како „подземна република“. Претседавал на Рилскиот конгрес во 1905 и бил избран за член на Централниот комитет. Се ангажирал за надминување на поделбите, меѓутоа, единството постигнато на Конгресот траело кратко…

По ова Груев одлучил да се врати на теренот во Македонија и стасал во беровско Русиново во декември 1906 и по што херојски загинува. Населението од Русиново го погребало во дворот на селската црква, подоцна неговите телесни останки биле пренесени во Смилево а тој се всели во колективната меморија на македонскиот народ – во неговите песни, приказни, државна химна, во државните институции, училишта, јавни објекти…

Даме Груев со својата чиста и безкомпромисна борба е негација на сите оние кои не негираат односно го негираат постоењето на Македонската нација. Поради тоа е важно постојано да се потсетуваме на неговата херојска смрт и неговото дело кое го прави бесмртен.

Се потсетуваме ли ние сегашните генерации во Македонија доволно на неговото дело? Имаме ли такви лидери денеска?

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Спасовски да одговори кој го пушти синот на командант Баци, да избега од куќен притвор
Следна вестСДСМ: Поголеми субвенции за лозарите од 40.000 на 52.000 денари по хектар