Се сеќавате кога Владата лани соопшти дека решила да штеди? Многу силни најави беа тоа. А потоа, министрите ги учеа и граѓаните на Македонија како да штедат…
Ама, по извесно време функционерските плати скокнаа за цели 78 проценти. И така приказната за штедењето и кризата стана некако подзаборавена.
За среќа, сега, по шест месеци откако уставните судии го аминуваа зголемувањето на функционерските плати за цели 78 проценти од Владата стаса најава дека ќе се направи законска корекција и со неа платите ќе се намалеле. Зачуваните средства ќе се наменеле за антикризни мерки за најзагрозените граѓани.
Премиерот Димитар Ковачевски најави дека во наредниве две недели ќе се знае и дефинитивна писмена верзија на законските измени.
Зошто толку време (половина година) им требаше да почнат процедура, а сега и две недели да ја финишираат? А и уште колку ќе им треба за да сето тоа пројде во парламентот? Ќе стават на овие законски измени европско знаменце?
Излезе дека и седум месеци се малку за да се намалат функционерските плати. Всушност, на тоа се чека многу повеќе време. Премиерот Ковачевски уште лани во 2022 година најави дека ќе се работи на нов Закон за плати.
-Има јавни претпријатија во кои членови на управен одбор имаат поголеми плати од претседателот на државата. Во наредните шест месеци ќе се работи на изработка на нов Закон за плати, затоа што постои неконзистентност во платите. Имаме јавни претпријатија во коишто членови на управен одбор имаат поголеми плати од претседател на држава и 20-30 години никој тоа не го погледнал, изјави Ковачевски, одговарајќи на пратеничко прашање во рамки на собраниска 70. Седница во април минатата година.
Дали сега новото законско решение ќе ги опфати и овие случаи останува да се види.
Туку, до каде е Владата со штедењето?
Јавноста се сеќава дека во март минатата година Владата донесе одлука со која буџетските корисници се обврзуваат на штедење како дел од антикризните мерки за рационализација на трошоци во јавниот сектор.
-Сите буџетски корисници и единки корисници се задолжени да ги намалат расходите за стоки и услуги за 10 отсто и да достават соодветен предлог за рационализација на трошоците. Мерките за рационализација забрануваат започнување на нови постапки за набавка на мебел и возила. Сите буџетски корисници и единки корисници добија задолжение да го намалат бројот на службени патувања и значително да се намали бројот на членови на делегации при патувања во странство. Јавните претпријатија и АД во државна сопственост се задолжени да ги намалат тековните расходи за 15 отсто и за тоа да ја известат Владата во рок од 15 дена, беше наведено во одуката.
Колку средства до сега се заштедени?
Со најавеното штедење коешто требаше да се спроведува од март минатата година и со промените во законот за плати на кои не мораше да се чека цели шест-седум месеци, многу полесно ќе се обезбедеа предвидените 70-те милиони евра кои сега се најавуваат дека ќе бидат потрошени за антикризни мерки.
Само да не им текне дека до пари ќе дојдат со ново задолжување на државата.