До кога ќе чекаме да се направи анализа за високата смртност од ковид во Македонија?

Според податоците што ги објавува Министерството за здравство од минатиот четврток до сега починале 214 лица поради компликации со ковид-19. Заради континуирано високите бројки на починати, на дневно и неделно ниво, Македонија не се симнува од врвот на светските и европски рангирања според процентот на смртност.

Бројот на новозаразени бил и далеку поголем претходно, но бројот на починати станува секој ден се позагрижувачки. Секојдневно во извештаите на Министерството за здравство стои дека најголем дел од починатите биле во болница кога ја загубиле битката со опасниот вирус. Но, до сега македонската јавност, две години во пандемија, не слушна ниту една анализа (научна, статистичка, илибилокаква друга) зошто смртноста ни е толкава? Имаме ли конечен протокол за терапија и начин на третман на пациентите кога ќе дојдат во болница? Дали тој е ист за сите? Се менува ли или е конечен? Според кои параметри се водиме? Гледаме од другите земји или сами сме креатори на терапијата?

Прашањата си стојат, одговори нема. Министерот Филипче само повторува – доцна се јавуваат во болниците, имаат други болести… Епа што се прави за да не се јавуваат доцна во болниците? Зарем само македонските пациенти имаат и други болести? Јавноста неретко сама чита странски медицински трудови обидувајќи се да си објасни што се случува. Сето ова, оправдано, создава состојба на недоверба и скептицизам кај надлежните за начинот како се справуваат со пандемијата.

Инаку, последните 24 часа регистрирани се 557 нови случаи на ковид-19 во државата. Најмногу во Скопје, потоа Куманово, Велес, Кавадарци, Кичево и Струмица.

Претходна вестСоветниците од Центар нема да добијат таблет-компјутери, барем засега
Следна вестТри дена мултимедијална манифестација на Кокино – почнува денеска