Укинување на данокот за додадена вредност (ДДВ) за струјата во следните два месеци – ова е итната мерка што ја презема Чешка за да го ублажи ударот од порастот на цената на струјата. Според оваа одлука, ДДВ-то, кое инаку изнесува 21 процент, нема да се наплатува во ноември и декември. Во пари, тоа значи дека на граѓаните ќе им биде поефтин месечниот трошок за околу 350 круни – на пример за оние кои плаќаат 1000 круни (околу 40 евра) месечно.
И не само за следните два месеци, туку чешката влада размислува и за трајно укинување на ДДВ-то за струја. Ако ова е начин како да им се помогне на сопствените граѓани за да се ублажи шокот, дали можеби и македонската влада размислува на сличен чекор? Според настапите на нејзините функционери, најави за вакви мерки како во Чешка „за сега немало потреба“.
Во исто време експертите секој ден предупредуваат дека итно мора да се преземе нешто и дека најмалку барем, она што треба веднаш: е да му се помогне на бизнисот, оти тоа би ги ублажило другите ценовни удари. Македонската влада и за тоа не гледа итни потреби.
-Да не биде како со ковид-от. Далеку е од нас, нема вирус – а кога ни дојде на врата и сотре сериозен број луѓе, немавме ниту вакцини, ниту слободни кревети, коментираат граѓаните под објавата на веста на социјалните мрежи.
Македонската влада за сега ја смирува тензијата и паниката уверувајќи дека во овој момент нема потреба од вакви чекори. Опозицијата и експертите уште пред неколку месеци предупредуваа дека енергетската криза ни чука на врата.