До кога Царовска ќе ги заобиколува мислењата на научно – образовната фела?

Колумна на Борче Милошески: 

Периодов од неколку месеци, почнувајќи од декември 2020 година па наваму, имавме можност да бидеме сведоци на неколку конкретни примери кога Министерството за образование и наука, најдиректно ги заобиколи мислењата на експертите за голем број на прашања поврзани со образованието, особено, со новиот образовен концепт. Најчестите ,,одговори” на реакциите од страна на МОН беа оние општо – формулираните од типот, дека министерството ги разгледува забелешките и дека прифаќа сугестии. Дури во еден момент, министерката изјави дека ќе се разгледуваат само конструктивните забелешки од научно – образовната фела, небаре, министерството е непогрешливо.

Можеме да констатираме дека за жал, ваквиот однос и начин на комуникација прераснува во пракса. Деновиве, сведоци сме на уште еден таков пример, овој пат, конкретно поврзан со предметот географија во средното образование. Минативе неколку седмици, министерката Царовска ја доведе под знак прашање употребата на актуелниот учебник по географија за втора година во средно образование, генерално, под изговор дека истиот е ,,преоптоварен со факти” и дека биле ,,нарушени начелата на неповредливост на културата, историјата и другите вредности на граѓаните”.

Во случајов само ќе го искоментирам начинот преку кој се укина учебникот. Имено, евидентно беше дека ,,проблемот” произлезе од високите политички кругови и без конкретно образложение кои се спорните моменти и зошто истите се спорни, министерката стави потпис за укинување на истиот. Може само да се замисли колку авторите и комисијата кои стоеле зад тој учебник биле под притисок за толку кратко време да прифатат вакво нешто (дел од нив и без да прифатат!)? Сепак, станува збор за учебник кој речиси 20 години е во употреба без досегашна реакција од некого за некакви спорни податоци! Дури и да е спорен учебникот, зарем соодветен начин е тоа да се направи без конкретни аргументи и без слух кон стручњаците кои изреагираа кон оваа постапка???

Зарем во иднина, ќе стане пракса, министерката или бил кој нејзин наследник по сличен пат, тоталитарно и неаргументирано да укинува учебници кога ќе посака,  додека,  зборот на стручната фела (како на пример реакциите на дел од авторите на учебникот, односно, проф. Никола Панов и проф. Благоја Марковски) би се заобиколувал??? Колку што ми е познато, ова се спроведе без јавна поддршка од некој научник од областа на географијата, односно, некој кој би имал спротивни ставови од авторите на учебникот.

Претходна вестНов тетараски проект за „Работи за кои не зборуваме“
Следна вестНововработени се паркирале во „Градски паркинг“иако има превработеност