Голема акција за пошумување најави денеска министерот за земјоделство Љупчо Николовски. На прес-конференцијата заедно со министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, деканот на Факултетот за шумарски науки пејзажна архитектура и екоинжирнг Ханес Ем Кирил Сотировски, директорот на ЈП Национални шуми Валентин Груевски и претставници на општествено одговорни комапнии и граѓански организации, тој рече дека акцијата стартува овој месец.
-Еден милион и двеста илјади садници ги предвидуваме за пошумување во годинешната голема акција за пошумување во 19 региони, на 36 локации низ државата. Годинешната акција, која започнува од овој месец и ќе трае се до март 2024 година, опфаќа пошумување на површина од над 400 хектари со повеќе различни видови садници како бел и црн бор, јавор, багрем, смрча, даб, чемпрез, јасен, костен и ела, истакна министерот Николовски.
Директорот на ЈП Национални шуми Валентин Груевски објасни дека се избрани посебни садници.
– Видот на садниците со кои ќе се пошумува на површините е одреден од нашите стручни лица земајќи ги во предвид природните, почвените и еколошките карактеристики на површините, рече тој.
Министерката Шукова рече дека со Европската Унија, преку ИПА програмата се работи на значаен проект за реформа на секторот шумарство во Македонија. Проект кој има временска рамка за имплементација од две години, заклучно до 2025 година, вреден 1,3 милиони евра финансиска поддршка на Европската Унија. Истиот ќе се реализира низ четири поткомпоненти, кои го доближуваат македонското шумарството до европските стандарди.
-Една од овие поткомпоненти предвидува основање на Агенција за шуми и реструктурирање и трансформација на Јавното претпријатие Национални шуми во државно друштво, градејќи технички капацитети на стручните лица од шумарството на постојните и новите шумарски институции и организации, рече таа.
Јордан Бајрактаров, претставник на Сојузот на извидници на Македонија, рече дека тие со задоволство ќе се вклучат во акцијата.
-Сојузот на извидници на Македонија ја изразува своја благодарност до МЗШВ за соработката која ја востпоставивме со реализација на проектот Боренка – волонтерска акција за пошумување на опожарени подрачја. Со задоволство се вклучуваме и во оваа голема акција за пошумување на државата, нагласи Бајрактаров.