Се гледа крајот од изградбата на кружниот тек кај „Хубо маркет“. Конечно. Многу прометното место во Скопје се градеше цели две години.
Сега веќе се е асфалтирано и многуте возила нема да поминуваат по старата лоша крстосница, ниту во долго раскопаниот простор. Сето тоа правеше голем метеж во сообраќајот во овој дел на скопската општина Карпош.
Градот Скопје ги заврши главните градежни работи на овој тек кој претставува еден од влезовите на градското подрачје по што ќе следи и уредување на околината.
-Добро е што ова се заврши. Толку споро се правеше што почнавме да губиме верба дека ќе се заврши некогаш. Многу време губевме во гужвите овде. Градоначалничката сега само уште да го уреди местото и нека тргне во други делови од Скопје да гради, ни вели возаш кого затекнавме на кружниот тек.
Сообраќајницата почна да се гради во 2021 година од страна на поранешниот градоначалник Петре Шилегов како дел од големиот инфраструктурен проект кој вклучува и изградбата на клучка кај Момин поток. Таа клучка треба да послужи како замена на крстосницата на булеварот „Никола Карев“ и патот кон Визбегово и косовската граница.
Ќе се направи ли тоа набргу?
Од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска во изминатиов период соопштуваа дека претходното раководство не ги завршило постапките на експропријација и имотно правни спорови и тоа влијае на динамиката. Оттаму потворуваат дека рокот за изведна кој истекува во февруари 2024 година сепак ќе биде запазен.
Инаку, изградбата на кружниот тек и клучката ќе чинат 18 милиони евра.