Добро е што Бундестагот донесе Резолуција, но треба да се направи многу повеќе…

Македонија низ годините е сведок на многу фини зборови и ветувања од странски функционери и институции особено пред да треба да направи некој радикален чекор кој не е баш добар за земјата. Особено се памети дека така беше и пред Преспанскиот договор и наметнатата промена на името на државата.

Сега е на ред новата наметната тема: промена на Уставот – втор чин.

Огромното мнозинство на граѓаните во Македонија се против. Сметаат дека тоа е само почеток на понатамошно надворешно урнисување на македонскиот идентитет, јазик…

И, со цел да помогне, еве вчера германскиот Бундестаг даде поддршка на македонската култура, идентитет и јазик.

-Германскиот Бундестаг ги признава македонската култура, идентитет и јазик. Во Европската Унија, која се карактеризира со голема разновидност на јазици и култури, македонскиот јазик и култура дополнително ќе ја збогатат оваа различност…, пишува, покрај другото, во овој документ што го изгласаа германските пратеници.

Добро е што вакво нешто е изгласано. 

Но, дали Германија (читај тамошната влада) ќе се однесува според резолуцијата што ја изгласа парламентот во Берлин или со резолуцијата заврши заштитата на македонскиот идентитет кој е под удар од нејзини сојузници?

Да, резолуцијата може да биде и поткрепа во тешкото чекорење на нашата земја на евроинтегративниот пат. Но, треба други чекори да направи и Германија.

По ефективната блокада од Бугарија, патот не е ослободен од нови пречки и со „францускиот предлог“ и со утврдената преговарачка рамка која ја донесе Европскиот совет. Впрочем од соседна Бугарија уште вчера нагласија дека од Македонија очекуваат уште отстапки кои сигурно задираат во националниот столб на Македонецот и на македонската држава.

Затоа, прашање е дали ова Резолуција може да ја оствари заштитничката цел, ако нема и други дејанија од германските власти. Резолуцијата е документ кој го носи тамошниот парламент, меѓутоа, таа не е обврзувачки документ за останати земји-членки на ЕИ и за Бугарија. Вакви слични документи германски пратеници носеле и порано па немале некој ефект. Во 2004 година пратениците на Бундестагот усвоија резолуција со која од нивната Влада бараа да ни се обраќа со уставното име Република Македонија. И? Што стана потоа?

Да, во Резолуцијата германски пратеници и порачуваат на сопствената Влада да ја повика Бугарија да се „воздржи од дополнителни услови“. Епа на потег е германската влада, ако делува во тој правец, тогаш оваа резолуција навистина има некаква реална силина.

Потребно е нешто повеќе, некоја многу поголема поддршка и посилен став и гаранции дека на Македонија нема да и се поставуваат нови услови, нови блокади… И тоа не само од Германија туку и од останати земји-членки на ЕУ.

Многу ветувања, многу „гаранции“, многу барања до сега биле испорачани кон Македонија за да ги отклони пречките на патот кон НАТО и кон ЕУ, за да сега се испорачуваат нови и нови. Токму тогашната германска канцеларка Ангела Меркел во 2018 година при посетата на Скопје порачуваше дека референдумот за Преспанскиот договор треба да биде успешен бидејќи ни ги отвори евроатлантските врати.

– Доколку има позитивен исход од референдумот иднината би можела да биде да станете земја членка на НАТО и дел од семејството на ЕУ. За тоа мора да се исполнат некои предуслови. Постоеше спор меѓу Грција и вашата земја и мораше да се најде и решение инаку немаше да има согласност за членство и затоа прашањето за името и прашањето за членството во НАТО и ЕУ се многу тесно поврзани едно со друго. Без решение на ова не може да има членство во ЕУ и во НАТО. И затоа овие две прашања се тесно поврзани, рече тогаш Меркел.

Референдумот тогаш не успеа, сепак уставните промени се случија на „балкански начин“, но преговорите со ЕУ никако да почнат.

Песимизмот и недовербата кај македонските граѓани кон ЕУ е оправдано се поголема, а тоа не е добро за евроинтеграциите. Затоа би било добро Германија (но и други земји на ЕУ) да продолжи со вистинска поддршка за Македонија, а не се да заврши со споменатава резолуција.

Едноставно, не оди заедно со ваквата Резолуција каде се дава поддршка на македонскиот идентитет и јазик, истовремено да се форсира, но и надградува „францускиот предлог“ и „преговарачката рамка“ каде се вткаени бугарските барања кои го негираат баш она што со резолуцијата се штити.

Претходна вестГолеми поплави во Србија, дел од автопатот однесен од вода
Следна вестНорвежанец уапсен на граничниот премин „Белановце“, бил баран од Интерпол