Вкупно девет скопски средни училишта утринава добиле дојава за поставени бомби во нивните простории. Ова пред малку го соопшти МВР додавајќи дека се во тек проверките.
-Денеска (07.12.2022) околу 09.45 часот во СВР Скопје било пријавено дека на електронска адреса на девет средни училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот, се наведува во денешното соопштение.
Набрзо по ова соопштение, МВР објави и ново во кое наведе дека дојава за поставена бомба имало и во зградата на Народна банка на Македонија
-Денеска, околу 10.10 часот и од НБРМ било пријавено дека на електронска адреса била упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш се преземени неопходните мерки за безбедно евакуирање и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти полицијата.
Скопско ехо веќе објави дека е добиена дојава во во скопската гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“ во општина Центар. Таме е веќе извршена евакуацијата на учениците и на наставниот персонал, а полицијата ја започнала стандардната процедура за проверка.
По паузата од пет дена ова е нова дојава за поставена бомба. Се уште не е познато дали имало дојави и во други училишта.
На 2 декември имаше дојава за бомби во три училишта но подоцнежната проверка покажала дека тие се лажни. Ден претходно, дојави биле добиени во девет скопски училишта, но и тие биле лажни.