Дојдоа дивите ги избркаа питомите

Колумна на Заге Филипоски:

Нормализација на девијацијата! Сага за нашиот театар, родителите и конформизмот

Во импровизираниот детски театар дечињата веќе си седеа во првиот ред. Ана Марија се стрча и си седна во вториот ред, си ги стави рачињата на коленцата, го исправи грбот и си седеше достоинствено и гордо. Умесно си чекаше, во театар се молчи, се гледа претставата и се ужива. Така ја воспита мама. Тука имаше многу другарчиња, а тука беа и мама и тато, се чувствуваше безбедно и беше возбудена, едноставно си беше среќна, како во свој дом. Тамам да почната претставата, една мајка си го стави столчето на средина на патеката. Малку ја поттурна, Ана Марија не се налути, малку си го помести столчето, но сега не можеше да гледа. Мајката само се стутка, ја гушна својата повозрасна ќеркичка и капутот и почна да го чепка телефонот. Ана Марија се зачуди, зошто оваа мајка седна каде што беше место за децата, а не оди кај “големите“? Зошто ја избутка? Почна да се чувствува неубаво и обесправено. Се обиде да си го поднамести столчето но секое поместување им пречи на другите дечиња. Се помири со ситуацијата.

Едно друго дете скоро дупло повозрасно искористи и си се намести пред мајката во првиот ред на поранешната патека. Еден татко ги растурка дечињата кои седеа во првиот ред, и си го смести синчето. Е ова веќе создаде метеж, сите деца се почувствуваа обесправено, почнаа да се поместуваат со столчињата и да бараат подобра позиција. Неколку родители се стрчаа за да ги смират своите деца, но никој не се обиде ниту нешто им рече на “дивите“ кои ја направија целата мешаница и ги избркаа “питомите“. Нејсе, претставата започна. Мајката се обидуваше да го минимизира своето присуство на местото каде што не припаѓаше и си го чепкаше телефонот. Таткото си беше горд што ги разбутка дечињата и на своето му обезбеди позиција во првиот ред. Ана Марија беше збунета. Ана Марија ги почитува правилата и не може да разбере кога “големите“ ги кршат.

Другите родители си пиеја кафенце, си гледаа сеир. Еден татко твитна! Една мајка си го бараше детето што го снема! Избуткано од невоспитаните, вознемирено од неправдата, тргнало да си оди. Уште едно го следеше. Само еден татко се обидуваше да им укаже на организаторите дека нешто не е во ред. Дечкото со билетите, хонорарец, шанкерот, кафе, а актерите, се знае. Сите имаа изговор, си се прогласија за ненадлежни! Никој не рече ништо.

А каде грешиме? Доволно е само еден/на да се одважи, да излезе од својата зона на комфорот, да се пресрами и да им укаже на насилниците и неуките дека нивното место е во последниот, а не во првиот ред, да се заземе да се воспостави ред и сите да го/ја поддржиме! Остана чувството дека се додека толерираме неправда, насилно кршење на редот и поредокот, непочитување на пишани и непишани правила, се додека само се допишуваме по фејсбук и твитер, всушност сме соучесници со невоспитаните, неуките и неспособните, кои насилно се местат во првите редови и ја упропастуваат визијата на нашите деца.

Претходна вестТешка сообраќајка, загина 66-годишник од Св. Николе, повредени две лица
Следна вестПроекции на филмови по повод 60-годишнината од смртта на Милтон Манаки