Доктор Марковски: Настинките и грипот не смее да се лекуваат со антибиотик, сигурен сум дека не станува збор за некаква голема мутација на корона вируси

Најдобро е луѓето што имаат респираторни симптоми да се самоизолираат за да ги заштитат другите. Потенцирам дека носењето маска е оправдано на кратки периоди, но може да биде загрозувачко по сопственото здравје ако се носи долго време, укажува познатиот македонски инфектолог Вело Марковски. Во краткото интервју искусниот доктор за Skopskoeho.mk зборува за зачестените респираторни проблеми кои ги имаат граѓаните во овој период, зборува за тоа што се можните причинители, дали е корона вирусот, како да се лекуваме, како да се самозаштитиме…

 Значителен број на граѓани во овој период се жалат на респираторни и други заболувања. Некои лица постојано кашлат, а немаат температура, другите имаат температура… според Вас, за што станува збор, за вирусот на грипот, за нов сој на корона вирусот или…?

Во зимските месеци би се рекло дека е „нормално“ многу луѓе да имаат некоја респираторна инфекција. Акутните респираторни инфекции се најчестите инфекции кај човекот. Две третини од сите инфекции отпаѓаат на респираторните инфекции. Возрасните, од 3-5 пати годишно имаат некоја респираторна инфекција. Децата до 7 пати (децата кои одат во градинки и до 10 пати) годишно имаат респираторна инфекција. Причината за вака големиот број на респираторни инфекции е во тоа што од една страна респираторниот систем е „отворен“, постојано е во контакт со надворешната средина и многу лесно по аерокапков пат (зборување, кивање, кашлање, директен контакт…) се доаѓа во контакт со микроорганизмите, а од друга страна, голем е бројот, над 500 микроорганизми, пред се вируси и бактерии, можат да предизвикаат респираторни инфекции.

Бидејќи има над 500 причинители, не е изводливо да се докажува причинителот, па затоа најлесно се прави разграничување врз основа на досегашните сознанија за инфективните болести, кои пак знаат да си имаат свои специфики. Науката препознава три најчести синдроми на горно респираторни инфекции, кои се убедливо најчести. Најчести се настинките, воедно и најлесни кои одат со респираторни симптоми, ретко имаат температура над 37,5 степени целзиусови. Настинката или ринитис е причинета од многу вируси, над 200 типа на Рино вируси, корона вируси,, параинфлуенца, репсиратрорно синцициелен вирус…. На второ место е грип, кој е најсериозна болест од овие горнореспираторни инфекции, може да има огромен број на заболени за време на епидемии или пандемии. Грипот е пратен со статистички докажано влијание на општата смртност поради компликациите кои се јавуваат. Трета група на причинители се таканречени атипични бактерии (најчесто микоплазма, хламидија…) кои даваат еден синдром таканречен респираторен фебрилен катар.

Сигурен сум дека не станува збор за некаква голема мутација на корона вируси, генерално короната дава настинки, кои се лесни заболувања. Но, од друга страна е несериозно, научно неоправдано, медицински неетички да тестираш само за еден причинител, од над 500 можни и да „дигаш“ паника со цел отстварување на некакви цели. Особено што методата за дијагноза на корона инфекциите (Полимераза верижна рекација) е несоодветна.

Како заболените луѓе да си помогнат во ваква состојба и ситуација, што би им советувале?

– Настинките од прв ден одат со течење од нос, гребење во грло, кивање кашлање, траат 4-5 дена, не го загрозуваат човековиот живот,  немаат температура, инфицираните си ги извршуваат своите обврски. Во вакви случаеви доволни се витамини, топли напитоци, одмор ако е возможен (не е потребно боледување). Но, ако болниот има висока температура, тогаш мора да оди на лекар и да се направи крвна слика. Можно е да е грип, кој оди со многу висока темпратура и други општи симптоми, и важно за разграничување од најчестите настинки, дури од третиот ден почнува да тече носот, да има кивање, солзење… Грипот треба да се разграничи од бактериските инфекции (тоа само лекар може да го разграничи со помош на наука но и крвна слика) кои одат слични симптоми, а кои мора да се лекуваат со антибиотик. Настинките и грипот не смее да се лекуваат со антибиотик, антибиотикот не делува на вируси. Покрај тоа, пациент лекуван со антибиотик за време на вирусна инфекција може да има животно загрозувачки секундарни бактериски инфекции во периодот по вирусната инфекција.

Како да се заштитат граѓаните коишто се уште се здрави, што да прават тие со цел да не се разболат?

Понекогаш не е можно да се спречи инфекција. И грипот и настинката можат да се пренесат, затоа што луѓето го исфлаат вирусот и се заразни еден до два дена пред да се појават било какви симптоми. Најдобра заштита од најтешката болест од овие горно респираторни инфекции е вакцината за грип. Вакцини за другите причинители или нема или се со научно непотврден бенефит и можни бројни несакани ефекти од самата вакцина. Вакцина за грип „мора“ да примат постари од 65 години, луѓе со диабет, малигни болести, хронични состојби. Вакцината за грип трае само 9-12 месеци и затоа мора да се прими пред сезона, најдобро во месец октомври. Но ако некој не се вакцинирал, тогаш треба да се штити со општите мерки. Да се избегнуваат места со повеќе луѓе, а ако „мора да оди“, да се носи заштитна маска. Најдобро е луѓето што имаат респираторни симптоми да се самоизолираат за да ги заштитат другите. Потенцирам дека носењето маска е оправдано на кратки периоди, но може да биде загрозувачко по сопственото здравје ако се носи долго време. Исто така е во најмала рака смешно (покрај ризикот по сопственот здравје) човек да  носи маска на отворено или кога е сам во просторија (возило, соба…).

Претходна вестЛевица: Железницата е во колапс, со месеци се толерира катастрофалното работење на директорот Демири
Следна вестЛоцирана нова рисица на планината Буковиќ, ја нарекоа Луна оти е најдена на полна месечина