Вело Марковски, познат инфектолог и кандидат за претседателската трка, одговара на 10 прашања надвор од двете споменати сфери:
- Три најсреќни моменти во животот?
-Имам 4 деца. Тоа се не три, туку четири најсреќни моменти во мојот живот. Секое раѓање на дете, на нов живот е најсреќен момент. Среќен бев и кога ја снимив првата песна Налеј налеј… Радосен бев кога ја објавив првата книга проза со наслов „Приказните на татко ми“.
- Три работи кои се каете што сте ги направиле?
-Сметам дека сум многу аналитична личност. Генерално сите одлуки ги носам после долго размислување. Сепак најмногу што сум погрешил е при избор на луѓе во кои безрезервно сум верувал, па се покажало дека тоа било многу погрешно. За жал, тоа се случило повеќе од три пати.
- Тројцата Македонци од сегашноста со кои се гордеете?
-Венко Андоновски, Симеон Трпчески, Дарко Панчев.
- Три работи кои Ве радуваат и три што Ве нервираат?
-Ме радуваат прошетките во планина, играње тенис, играње шах, танцување. Ме иритира инертноста кај луѓето, негрижата за природата, негрижата кон животните.
- Три предмети што најмногу Ве намачија како ученик?
-Бев одличен ученик и со леснотија ги совладував сите предмети. Единствен предмет кој ме измачуваше и не ми одеше беше Ликовно. Никогаш не ми одело сликањето. Исто така за физика не покажував голем интерес.
- Три работи во кои сте добар, и три во кои не Ве бива?
-Го сакам спортот и добар сум во спортови со топка како фудбал, тенис, пинг понг, кошарка. Не ме бива во спортови во кои има контакт и борба. Уживам да пеам, и мислам дека добро пеам. Добро играм белот. Не ме бива за цртање. Не кажувам убаво вицови. Пливам ,,како камен”.
- Три места во Македонија што радо би ги посетиле?
-Изворот на Бабуна, Крушево, Црквата „Свети Ѓорѓија“ во Старо Нагоричане.
- Три најдобри книги, филмови и песни?
-Книги: Папокот на светот од Венко Андоновски; Тудорите: Целосната приказна за најозлогласената династија на Англија од Џералд Мајер (G. J. Meyer – The Tudors: The Complete Story of England’s Most Notorious Dynasty), Посланија и Риданија од Кочо Топузовски.
Филмови: Зона Замфирова, Ана Каренина, Борат.
Песни: Зајди зајди јасно сонце, The Mambo Kings: Beatiful Maria of my soul, Цесарица – Оливер Драгојевиќ
- Три омилени јадења?
Вргањ- сакам сам да ги соберам во природата и потоа на различни начини сам да ги приготвам на плотна, или пржени, или во сос;
Грав – обожавам да јадам чорбест грав. Највкусен е гравот растен на богомилските лаки. Разочаран сум кога на пример дома се спремал грав за ручек а јас предходно сум јадел скара во кафеана. Од грав знам и да се прејадам;
Риба – од морските риби најчесто јадам ципура која ја приготвувам на скара. Но најомилена морска храна ми е октопод, кој за жал го јадам само во ресторани затоа што подготвувањето ми изгледа многу комплицирано. Од речните риби најмногу сакам клен уловен на Беличка река, спреман во релна е префкусен специјалитет.
- Три совети кои ги давате на другите?
-Највредните работи во животот ги добиваме „без пари“. Материјалните богатства можат само привремено да Ве направат среќен, духовните богатства може да ги добие секој и траат долго или вечно.
Во животот мора да бидеш успешен во повеќе полиња за да се чувствуваш среќен и исполнет. Важна е љубовта, социјалниот живот и професионалната исполнетост. Повремено можеш да се посветиш повеќе на една област, но потоа мораш да направиш рамнотежа. Нема да бидеш многу среќен ако постигнеш врвни резултати во кариерата, а си го запоставил љубовниот живот и/или семејството и ако немаш задоволителен општествени социјален живот.
Здрав човек има илјадници желби, болниот само една. Правете комплетна крвна слика барем еднаш годишно. Повозрасните и боди скен барем еднаш на 2 години.